Поп во пензија оди како трговец поединец, монах како земјоделец – мантијата не носи повластен стаж
Свештените лица во земјава немаат посебен пензиски статус ниту повластени услови за пензионирање. Иако нивната служба има духовен и специфичен карактер, во однос на пензиското и социјалното осигурување тие се третираат како и сите останати граѓани. Според важечкиот Закон за пензиско и инвалидско осигурување, право на старосна пензија се стекнува со 64 години возраст за мажи и 62 години возраст за жени, но притоа мора да имаат најмалку 15 години пензиски стаж. Овие правила важат и за свештени лица, без оглед дали се православни, муслимани или припадници на друга верска заедница. Правото на пензија се остварува преку Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Македонија како централна институција што управува со пензискиот систем во државата.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Кој ги плаќа придонесите?
Начинот на плаќање придонеси зависи од статусот на свештеното лице. Дел од свештените лица се вработени во верските заедници и тогаш свештеникот има формален работен однос во рамки на верска институција како што се Македонската православна црква – Охридската архиепископија и Исламската верска заедница. Во тој случај верската заедница има улога на работодавач. Таа е должна да го пријави лицето во системот и редовно да ги пресметува и уплаќа придонесите за пензиско и инвалидско осигурување, здравствено осигурување и осигурување во случај на невработеност. Во овој случај, свештеникот стекнува редовен пензиски стаж како и секој друг вработен граѓанин. Во пракса, дел од свештените лица немаат класичен работен однос, туку се водат како лица што самостојно вршат религиозна дејност. Тогаш тие се регистрираат како самовработени, трговци поединци и самите ги пресметуваат и уплаќаат придонесите, а и сами одговараат за редовноста на уплатите. Неплатените месеци не се признаваат како пензиски стаж.

Во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија за „Слободен печат“ велат дека свештените лица се пензионираат како и другите осигуреници согласно Законот за ПИО, односно со навршување на 64 години старост и минимум 15 години стаж.
-Со Правилникот за начинот на водење на матичната евиденција во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија со посебен член поблиску се одредуваат условите и начинот на стекнување со својството осигуреник на оваа категорија на осигуреници. Во член 20 од Правилникот е наведено: „Врз основа на барањето и приложените докази, надлежната Филијала, на Стручната служба на Фондот, донесува решение за прием во осигурување. Во решението од ставот 1 на овој член, се утврдува својството на осигуреник, основицата на осигурување и се пресметува придонесот за пензиско и инвалидско осигурување“. Согласно донесеното Решение за прием во осигурување осигурениците уплаќаат придонеси за пензиско и инвалидско осигурување – велат од ПИОМ.
Во превод поповите се самовработени или трговци поединци кои секој месец си уплатуваат пари во Фондот. Монасите пак се на маргините. Добри познавачи на состојбите велат дека најголем дел од нив се пријавени како земјоделци и со навршување на 64 години за мажи или на 62 за монахињите, стекнуваат право на пензија.
Висината на пензијата доволна за преживување
Висината на пензијата за свештените лица се одредува на истиот начин како и за останатите осигуреници, односно во зависност од должината на стажот и висината на уплатата на придонесите. Од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување велат дека не водат посебна статистика за износот на пензиите по групи на осигуреници, па така и за свештените лица како посебна група на осигуреници. Висината на пензијата зависи од должината на стажот, висината на основицата на која се плаќале придонесите и економските параметри во моментот на пензионирање. Ориентационо, ако едно лице 30 години плаќа придонеси на минимална основица, пензијата би се движела приближно околу 18.000 денари месечно. Поголема основица и подолг стаж значително ја зголемуваат конечната пензија.

И покрај специфичноста на свештеничката служба, законската рамка не предвидува посебни поволности за оваа категорија граѓани. Начелото на еднаквост пред закон значи дека пензиските правила важат еднакво за сите.
Прашањето дали свештените лица продолжуваат да служат и по стекнување право на пензија, и како се распределуваат приходите во рамки на верските заедници, често останува неодговорено прашање. Практиката покажува дека одговорот зависи од внатрешните правила на секоја верска организација. Во земјава не постои законска забрана свештеник да продолжи со верска служба и по стекнување старосна пензија. Пензијата е право од социјалниот систем, а не автоматски прекин на духовната служба. Во Македонската православна црква – Охридска архиепископија, честа практика е свештениците да продолжат да служат доколку се здравствено способни и доколку надлежниот епископ даде благослов. Истото важи и за имамите во рамки на Исламска верска заедница каде ангажманот по пензија зависи од потребите на џамијата и одлуката на верските органи. Во такви случаи можни се неколку модели како продолжување со полно работно време, ангажман со скратено работно време и повремена служба (замена, помош при богослужби).
Пензијата не се губи ако лицето продолжи да работи, но доколку има формален работен однос, повторно се плаќаат придонеси согласно закон.


