Фото: EPA-EFE/HANNIBAL HANSCHKE

Политико: Ова можеби е најдоброто на што Украина може да се надева

Западот никогаш јасно не дефинирал за што точно се бори во Украина. Иако реториката беше величествена борба за демократија, спротивставување на автократијата, спречување на ширење на руското влијание, конкретните воени цели и реална подготвеност да се испорача оружје во нужниот обем никогаш не биле усогласени

Украина се наоѓа пред најтешкиот и најризичниот период од почетокот на руската агресија во 2014 година, анализира „Политико“. Иако западните сојузници долго време ја претставуваат војната како судир меѓу демократијата и автократијата, токму сега Киев се соочува со најмалку оптимизам и најмногу неизвесност на воениот, политичкиот и дипломатскиот фронт.

Според авторот Џејми Детмер, украинската армија е потисната и значително бројчено надмината од руските сили. Украинските команданти се принудени да се движат во рамки што ги поставува непријателот, а некои пратеници, како Маријана Безугла, предупредуваат дека борбената издржливост е на работ на изнемоштеност.

Во меѓувреме, Русија ги засилува ударите со беспилотни летала и ракети, со што сериозно ја оштетува електроенергетската инфраструктура и системите за снабдување со природен гас, критични за преживување на студената зима за околу 60 проценти од населението.

Економската состојба е исто така крајно тешка. Украина останува без пари, а авторот на анализата проценува дека Европа нема финансиски капацитет да обезбеди нови 250 милијарди долари за продолжување на отпорот во следните четири години, покрај можните 140 милијарди долари од замрзнатите руски средства, чија примена е блокирана од Белгија. Финансискиот вакуум ја прави Украина уште повеќе зависна од политичката волја на Вашингтон.

Ситуацијата дополнително се комплицира поради масовниот корупциски скандал што ги потресе украинските политички кругови, во кој, според пишувањето, има инволвирани фигури блиски до претседателскиот кабинет. Скандалот ја еродира довербата на украинските граѓани, но и на западните партнери, кои веќе се преоптоварени од сопствените политички и економски предизвици.

Во такви околности, Киев мора да се справи со хаотичниот дипломатски процес околу американскиот „мировен план“. Првичната верзија со 28 точки беше толку конфузна што дури и американскиот државен секретар Марко Рубио накратко тврдеше дека документот потекнува од Русија. Подоцнежната ревидирана верзија – план од 19 точки – се смета за нешто поприфатлива, но сепак силно наклонета кон Москва. Повеќе извештаи, меѓу кои и од „Ројтерс“, укажуваат дека основата на планот е руска понуда доставена кон средината на октомври.

Според анализата, договор што би ја оставил Украина без делови од својата територија, со ограничено право на самоодбрана и без перспектива за членство во НАТО, може да доведе до сериозни внатрешни последици, вклучувајќи ризик од масовни протести или дури немири меѓу ветеранските и воените структури. За многумина украински борци, ваков исход би значел „удар в грб“ и капитулација пред руската агресија.

Во текстот се истакнува и долготрајниот проблем: Западот никогаш јасно не дефинирал за што точно се бори во Украина. Иако реториката беше величествена борба за демократија, спротивставување на автократијата, спречување на ширење на руското влијание, конкретните воени цели и реална подготвеност да се испорача оружје во нужниот обем никогаш не биле усогласени. Критичари, како поранешниот литвански министер Габриелиус Ландсбергис и украинскиот министер Дмитро Кулеба, одамна предупредуваат дека овие празнини во стратегијата го подриваат целиот отпор.

Детмер заклучува дека, како и во многу историски пресврти, исходот на војната во Украина ќе има глобални последици. Но, за разлика од Американската револуција, каде што сојузниците беа решителни и доследни, сегашните западни сили делуваат разединети, воздржани и неподготвени да ја следат сопствената реторика со конкретни и одлучни дела. Во меѓувреме, Украина влегува во зимата ослабена и исцрпена – во борба која станува сѐ потежок тест за нејзините луѓе, држава и иднина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот