Полицајци им дошепнувале на сопственици на кафулиња дека доаѓа инспекција на журка за да „се разбегаат по дома”

Guests dance at a wedding party in the home of a relative of the groom in western Tehran, May 28, 2020. Iranians living in the city of Tehran moved slowly from a life in the home quarantine to their normal social life as they believe that the new coronavirus (COVID-19) to be weakening in the summer and won't be no longer as dangerous as it was during three months ago. Tehran, IRAN-5/28/2020. MORTEZA NIKOUBAZL/SIPA//NIKOUBAZL_0304.1355/2006011141/Credit:MORTEZA NIKOUBAZL/SIPA/2006011149,Image: 524734870, License: Rights-managed, Restrictions: , Model Release: no

Полицајци им биле доушници на газдите на кафулињата кои организирале ноќни забави без протоколи. Наместо да соработуваат со инспекторите на Државниот пазарен инспекторат, тие им дојавувале на газдите на кафулињата дека инспекцијата доаѓа за да се затвори кафулето или дискотеката и на тој начин да се избегне казната од 2.000 евра која следува за секој трговски објект што ќе организира забава без протокол. Ова за „Слободен печат“ го тврди Стојко Пауновски, директор на Државниот пазарен инспекторат.

– Сметајте дека ние испративме инспектори во ноќниот бар Калипсо во Прилеп, но додека дошле, некој им дојавил дека доаѓаме и тие затвориле и си отишле. Некогаш и полицајците им кажуваат, зашто полицајци или се содружници, или се сопственици, а друг им е управител во нивните објекти и тоа најмногу се случува во Тетово и Гостивар, изјави Пауновски за Слободен печат.

Полицијата, како што тврди Пауновски, има поголеми ресурси и капацитети да ги разбива организираните прослави кои земаат голем замав овие денови, особено свадбите што се случуваат во изнајмени куќи, приватни вили, во викендици и на приватен имот. На вакви места, пазарниот инспекторат нема буквално никакви ингеренции да влезе и да санкционира, како што тоа може да го направи во угостителските објекти, како рестораните, кафулињата и дискотеките.

Така, вчера попладнето, инспекторите добиле информација дека во скопско Идризово се подготвува свадба со многу гости, а добиле и фотографија од поставувањето на бина со светлечки елементи и рефлектори, како за на концерт која се спремала за истиот настан.

Пауновски испратил екипа инспектори на лице место, но тие дошле до влезната порта, констатирале дека се работи за приватен имот и си заминале.

-Тоа беше свадба во приватна куќа и ние немаме право, ниту надлежност да влеземе и да санкционираме таков голем собир. Веднаш ја информиравме полицијата. Ние имаме ресурси од 120 луѓе на терен, а МВР има 20.000 луѓе и тоа во секое населено место така што требало тие да постапат, ни рече директорот.

Прашавме во МВР дали тие испратиле своја екипа на терен, со оглед на тоа што имале и пријава и надлежност да ја ,,растурат“ свадбата. Оттаму ни одговорија дека вчера во полициска станица Гази Баба граѓанин пријавил дека има свадба во село Идризово со гласна музика и пукање со огнено оружје.

„Полициски службеници излегле на местото на настанот, извршиле проверки на улиците 3 и 4 во селото и не забележале ни гласна музика ни собирање ни пукање со огнено оружје“, велат од МВР.

Неофицијално, свадбата траела до 10 часот вечерта, имало кетеринг и поставени шатори со свечени маси. Во пазарна инспекција има и двајца инспектори што се задолжени да ги следат социјалните мрежи каде добиваат дојави за забави свадби и други свечености во локалите, кои се одвиваат надвор од секој протокол. Но, услов да се изрече казна е да се фати журката на лице место, а тоа некогаш не се случува, па толпите се разбегуваат пред да стапнат инспекторите во локалите.

Пауновски тврди дека во предизборната кампања, односно една недела пред да се оджат изборите, инспекторите не влегувале во кафулињата и не казнувале никого, за да се одбегне впечаток дека вршат притисок врз сопственици на овие локали кои се од сите политички партии. Ова всушност, многу ги охрабрило газдите на локалите да продолжат со тоа темпо од пред недела дена, кога немало строги инспекциски контроли и затворања на локали.

Имаме прекинато четири или пет свадби во Гостивар и во Тетово. Некој човек во Камењане поделил покани за свадба што ја планирал, зашто некој од владата го излажал дека после избори ќе може да се прават свадби. Но, подоцна кога дозна дека тоа не е точно, рече дека ќе ја одложат веселбата за другата година. И граѓаните се во незавидна положба, заклучи Пауновски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот