Полицаец фатен без возачка – одземено му е службеното оружје и ќе биде испратен на психолошки преглед
Кривично ќе се гони полицаец кој возел без положен возачки испит. Исто така ќе му биде одземено службеното оружје и ќе биде упатен на психијатриски и психолошки преглед, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Препорачано
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против Ѓ.К. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,безобѕирно управување со моторно возило“, предвидено и казниво по член 297-а став 2 од Кривичниот законик. Пријавениот Ѓ.К., на работно место „полицаец“ во Одделот за заштита на определени личности и објекти, на 06.02.2026 на ул. „Даме Груев“ во Скопје управувал патничко возило „сеат алтеа“ без положен возачки испит, при што како учесник во јавниот сообраќај без да поседува возачка дозвола за управување со моторно возило не се придржувал до прописите за безбедноста во сообраќајот, со што управувал моторно возило на безобѕирен начин, информираа од МВР за случајот.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против Ѓ.К. поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и изрече задолжителни мерки одземање на службеното оружје и муницијата и упатување на задолжителен психијатриски и психолошки преглед.


