Поетското читање за млади „Отскочна даска #5“ ќе се одржи како преднастан на 6. Скопски поетски фестивал
Во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје во петок, 3 април, со почеток од 20 часот, ќе се одржи петтото издание на „Отскочна даска“, преднастан на Скопскиот поетски фестивал, наменет за млади поети.
Препорачано
На настанот ќе настапат дванаесетмина млади поети и поетеси на возраст од 16 до 30 години. Имињата на учесниците се: Марија Алексовска, Вероника Димоска, Христијан Илиевски, Мартин Миљев, Васја Мицковски, Милена Неделковска, Деспина Сиљаноска, Елена Соколоска, Бојана Спасовска, Кире Џотов, Ива Шајноска и Ели Шапкарова.
По читањето, самите поети учесници ќе имаат задача да го одберат најдобриот или најдобрата меѓу нив, за тој или таа да отскокне и да чита и на официјалното отворање на фестивалот на 7 мај во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, заедно со другите учесници во официјалната програма.
Дополнително, во соработка со издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, ќе биде објавена и панорама во која ќе бидат застапени песните на сите шеесет и шест досегашни учесници на „Отскочна даска“ низ годините. Изданието ќе се промовира непосредно пред официјалното отворање на фестивалот со читање на кое ќе настапат речиси сите млади автори застапени во панорамата.
Дизајнот на креативите и флаерите за „Отскочна даска #5“ е на Викторија Ангеловска.
Скопскиот поетски фестивал, чиешто шесто издание ќе се одржи во периодот од 7 до 9 мај, е поддржан од Министерството за култура и туризам и од „Традуки“, а негови помагатели се Младинскиот културен центар – Скопје и кафе-книжарницата „Буква“.


