Поетски препев: Лириката како разорно оружје
Едицијата „Гравири“ на „ПНВ Публикации“ е збогатена со стихозбирката „Ерато“ од Дерин Рис-Џоунс, објавена во препев на Јулијана Величковска. Стихозбирката е насловена според името на музата на лирската поезија, говори за тоа како ги поимаме и како пишуваме за убавината и за ужасите на светот.
Препорачано
„Во документарен стил со автобиографска нарација, книгата содржи лирски фрагменти, сонети и поетски секвенци подредени на истиот начин на кој се случуваат и репетициите во умот како последица од траума, истражувајќи ги, притоа, грешките и бришењата на меморијата. Станува збор за книга полна со пламења и лузни, пејзажи и животни, што во срцето носи копнеж за трансформативната музика што лежи некаде под зборовите и желбата да си го разбереме телото што го населуваме кога љубиме“, истакнуваат од „ПНВ Публикации“.
Книгата беше во потесен избор за наградите „Книга на годината“ во Велс и „Т.С. Елиот“ во 2019 година, a доби и специјална пофалба од „Поетри бук сосајети“, во која стои: „Дерин Рис-Џоунс ни покажува дека ако е во вистински раце, лириката може да биде најострото, најсуптилното и најразорното оружје што го поседуваме (Саша Дагдејл)“.

Дерин Рис-Џоунс е велшка поетеса, критичарка и уредничка на „Павилјон поезија“, издание на „Ливерпул јуниверзити прес“. Уредува и антологии, објавува научни текстови, книги есеи, а автор е и на монографијата „Керол Ен Дафи“ (2001). Таа е професорка по поезија на Универзитетот во Ливерпул, каде што го коменаџира Центарот за ново и интернационално пишување.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 67, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 6-7 февруари 2021)


