Поетот Санде Стојчевски го одбележа јубилејот педесет години творештво

Промоцијата на книгата поезија „Великата лирска песна“ од Санде Стојчевски беше повод на 18 мај да се одбележи и големиот јубилеј – 50 години творештво на овој македонски поет. Промоцијата и одбележувањето на јубилејот се одржаа во Спомен-собата на Миладиновци при Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.

Книгата „Великата лирска песна“ на Санде Стојчевски е добитник на престижната награда „Ацо Шопов“ на ДПМ за најдобра поетска книга објавена во 2021 година. За книгата зборуваше проф. д-р Лидија Капушевска – Дракулевска, а стихови интерпретираше актерот Андреј Серафимовски, како и самиот автор.

Тргнувајќи од насловот на книгата, Капушевска – Дракулевска цитирајќи го поетот Стојчевски објасни дека станува збор за „песни што ја опеваат визијата за велика лирска песна. Тие песни го слават копнежот на човекот кон угоре, кон совршенството, кон надраснување на сопствената природа. Тоа се лирски соништа“.

– Поетот Санде Стојчевски веќе педесет години се нурнува во немирните води на поезијата и без двоумење му се препушта на речиси опсесивниот копнеж по совршената песна. Иако се чини дека тој копнеж е лов на неуловливото, еден никогаш незавршен проект, нашиот поет не очајува, напротив тој добро знае дека среќата е во трагањето. Совршената песна бара и совршена форма, а сонетот го претставува можеби врвниот, најартистичкиот модел на поетскиот дискурс. Тоа е пример за вонредно стилизираната совршена форма на лирската песна. Како пасиониран поклоник на артизмот, на таа луда страст и опседнатост од совршенството, Санде Стојчевски е следствено и еден од најдоследните почитувачи на сонетната форма кај нас – истакна Капушевска – Дракулевска.

Таа посочи и дека во стиховите на Санде Стојчевски јазикот е трислоен – црковно-словенски, дијалектен и стандарден македонски јазик. Самиот поет рече дека „поезијата е уметност на јазикот“, а него секогаш го интересирал ѕунот на еден збор. „Зборот е алатка, но и вистинско семантичко чудовиште што не знаете каде ќе ве однесе“, додаде Стојчевски.

Санде Стојчевски е поет, критичар, есеист, антологичар, полемичар и препејувач. Роден е 1948 година. Автор е на 70 книги од сите жанрови, преведуван е на многу јазици и добитник е на повеќе награди во Македонија и странство, меѓу кои „Браќа Миладиновци“ на СВП и Орден „Мајаковски“ на Сојузот на руските писатели.

Оваа година го одбележа јубилејот – 50 години од излегувањето на неговата прва книга „Кралот на лебедите“ во 1972 година. На настанот во библиотеката „Браќа Миладиновци“ на своите почетоци Санде Стојчевски се сеќаваше низ анегдоти во разговор со писателот Братислав Ташковски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 129, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22 мај 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот