Почнува септемвриското издание на „Викенд на гордоста Скопје 2022“

Вториот дел од програмата на јубилејниот десетти „Викенд на гордоста Скопје“ ќе се одржи од 15 до 17 септември во Младинскиот културен центар – МКЦ, Музејот на современа уметност и клубот „Станица 26“. Основната кураторска тема на овогодишното издание на Фестивалот е „Екстатични тела“.

Септемвриската програма на фестивалот ќе биде отворена на 15 септември, во 21 часот во МКЦ, со перформансот/танц „Етика“ на францускиот кореограф Матjе Окемије (Matthieu Hocquemiller), а во изведба на Патрис Дезмон и Пјер Емо (Patrice Desmons & Pierre Emö).

„Етика“ е дует на двајца мажи. Пјер, млад изведувач и сексуален работник, и Патрис, етичар и филозоф. Нивната средба е прашање на договор: размена на мудроста за младоста, па во текот на „договорот“ ќе се викаат Сократ и Алкибијад, замаглувајќи ги границите меѓу господарот и неговиот млад љубовник, испреплетувајќи ги лицата и ликовите. Поаѓајќи оттаму, Матје Окемије испреплетува патека за двајца во форма на сложен дијалог што ги заплеткува животните приказни и филозофските размислувања, до чувствителна и длабоко трогателна кореографска партитура.

На 16-ти септември во МСУ, во 20 часот, публиката ќе може да го проследи перформансот „Не за Оскар“, на австриската перформанс уметница Јулишка Стенгеле. Во ова дело уметницата прави напор да го покрие секој центиметар од сопственото тело со отпечатоци од бакнежи. Се наоѓа опколена од публиката, која е сведок на неуспехот, невозможностите, победите и напредокот. Во еден момент публиката е поканета да се приклучи и да помогне во борбата на уметницата во грижливо договорената средба.

Јулишка Стенгеле е наградувана уметница, перформерка, авторка, кураторка и предавачка, која живее во Виена. Во својата разновидна, мултидисциплинарна работа, таа ги проучува ефектите од односите на општествена моќ, стигмите и идеолошките норми за телото-умот, како и можностите за нивна еманципација и ослободување со посредство на уметноста.

Фестивалот ќе заврши на 17-ти септември, во ноќниот клуб „Станица 26“, од 22.30 часот, со воугинг и дрег-забава, како и два диџеј-сета на Ивана Драгшиќ (Скопје) и Маркиза де Сада од Белград. Во рамки на шоуто настапуваат танчерите Хоеди Саад и Селин (Hoedy Saad & Celine) од Бејрут и дрег кралиците Токио де Вил и Дивон Џејн од Скопје.

Фестивалот е во организација на Коалицијата „Маргини“ и ЛГБТИ Центарот за поддршка, а се реализира во партнерство со „Локомотива“, МСУ, „Тиииит! Инк.“ и КСП „Центар-Јадро“, со поддршка на Министерството за култура на РСМ, Фондацијата „Heinrich Böll Stiftung“, Амбасадата на САД, Фондацијата „Фридрих Еберт“, Амбасадата на Франција, Фондацијата отворено општество Македонија и Сигрид Раузинг, известија од тимот на „Викенд на гордоста Скопје 2022“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот