Почина Владимир Цветковиќ, легендата на Црвена звезда
На 84-годишна возраст денеска во Белград почина Владимир Цветковиќ, познатиот југословенски кошаркар и долгогодишен генерален секретар на фудбалскиот клуб Црвена звезда, објави клубот на социјалните мрежи. Тој ќе биде запаметен како елегантен играч под обрачите, но и како еден од творците на најголемиот успех на белградскиот фудбалски клуб, со кој како официјално лице стигна до титулата европски и светски шампион.
Препорачано
Целата своја играчка кариера, од 1959 до 1972 година, Цветковиќ ја помина во Црвена звезда. Со клубот освои две првенства на Југославија (1969 и 1972) и еден национален куп (1971), а девет сезони беше најдобар стрелец на тимот.
Остави подеднакво длабока трага и во дресот на југословенската репрезентација, за која одигра 149 натпревари и постигна 1.276 поени. Тој беше клучен член на генерацијата што освои дури четири сребрени медали на големи натпреварувања: Светските првенства во 1963 и 1967 година, Европското првенство во 1969 година и Олимписките игри во Мексико во 1968 година.
Токму во Мексико Цветковиќ влезе во историјата на југословенската кошарка кога, во полуфиналниот натпревар против Советскиот Сојуз, смирено ги погоди клучните слободни фрлања за историска победа и пласман во финалето.
По неговата играчка кариера, Цветковиќ, како економист, започна втора, подеднакво успешна кариера како спортски работник. Најдлабок впечаток остави како генерален секретар на ФК Црвена звезда, позиција што ја извршуваше 18 години, од 1983 до 2001 година.
Заедно со Драган Џајиќ, тој се смета за најзаслужен за создавањето на тимот што стана европски и светски шампион во 1991 година. Неговиот современ пристап кон управувањето ја претвори Звезда во европски гигант, а за време на неговиот мандат клубот освои 18 трофеи.


