Почина сестра Андре на 118 години, најстарата личност на светот

Сестра Андре/Фото: Профимедиа

Француската монахиња Андре, која од април 2022 година е признаена како најстарата жена во светот за која се знае, починала во сон во домот за стари лица во Тулон на југот на Франција, соопшти синоќа за Франс прес портпаролот на домот.

Таа починала во 2 часот наутро, рекол тој.

Од април 2022 година, сестра Андре беше признаена од страна на Геронтолошката истражувачка група како најстарата личност во светот.

Експертите се согласуваат дека сестра Андре досега била најстарата жива личност чиј извод од матичната книга е потврден.

Гинисовата книга на рекорди исто така ја призна дека го држи тој рекорд, на 25 април, по смртта на Јапонката Кана Танака на 119-годишна возраст.

Родена на 11 февруари, во далечната 1904 година во Алес на југот на Франција, Лусил Рандон се грижела за деца како гувернанта, а станала калуѓерка за време на Втората светска војна. Како голем човекољубец, таа речиси три децении се грижела за сираци во болница во Виши.

Лусил Рандон, или сестра Андре, го добила тоа име во 1944 година кога му пристапила на католичкото добротворно сестринство.

Сестра Андре веќе неколку години не го криела заморот и желбата да се „извлече од оваа работа“. Но, како што рекла во интервјуто за Франс прес во 2022 година, „добриот Господ не ме слуша“.

Движејќи се во инвалидска количка, слепата сестра Андре, жалела што изгубила дел од своите физички способности.

„Велат дека работата убива, а мене работата цело време ми помагаше да живеам, работев до 108 години“, рекла таа во април 2022 година, кога беше прогласена за најстарата жена на светот, откако претходно беше најстарата Французинка, а потоа и најстарата Европејка.

„Луѓето треба да си помагаат едни на други и да се сакаат наместо да се мразат. Кога би го споделувале сето тоа, работите би биле многу подобри“, рекла сестра Андре на истата средба со новинарите.

Кога новинарите ја прашале која е нејзината тајна за долговечност, Андре им одговорила дека секој ден пие чаша вино и дека чоколадата е нејзина „скриена тајна“.

Нејзините денови во домот за стари лица биле обележани со молитва, оброци и посети од штитениците и работниците во хосписот.

Сестра Андре, исто така, постојано добивала писма, а одговорила на речиси сите.

Која е тајната за долговечноста на најстарата жена во светот, калуѓерката Андре?

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот