Почина Мето Јовановски, доајен на македонското глумиште

Мето Јовановски / Фото: Фејсбук/Мето Јовановски

Почина македонскиот театарски, филмски и телевизиски актер Мето Јовановски на 77 години. Веста за неговата смрт на социјалните мрежи ја сподели неговиот колега, актерот Драган Спасов Дац.

Мето Јовановски е роден на 17 јануари 1946 година, во с. Панчарево, Пехчевско. Пред да се запише на Театарската академија во Софија, каде што и дипломирал во 1971 година, активно играл на сцената на Народниот театар од Штип. По дипломирањето истата година се вработува во Драмски театар од Скопје.

Истата година дебитира и на филмското платно, со улогата во филмот „Македонскиот дел од пеколот“ (по сценарио на Славко Јаневски, Панде Ташковски и Ватрослав Мимица, и во режија на Ватрослав Мимица, продукција на Вардар филм – Скопје).

На сцената на Драмскиот театар останува до своето пензионирање. Меѓутоа, пензионирањето не значи дека ја прекинува својата актерска креативност.

Неговата актерска кариера започнала на сцената на Народниот театар во Штип, каде настапувал уште пред да се запише на студиите. Оттогаш, за многу кратко време, Мето Јовановски се истакнал како еден од водечките драмски уметници во Македонија.

Едни од омилените улоги на Јовановски на македонската публика се оние од филмовите „Среќна Нова 49“, „Тетовирани души“, „Пред дождот“, „Големата вода“, „До Балчак“ итн.

Тој е добитник на бројни награди, меѓу кои „Златна клапа“ во Белград, четирикратен лауреат на наградата „Милтон Манаки“, наградата „Петре Прличко“, наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“, награда за животно дело на осмиот Балкан панорама филм фестивал во Измир 2022 итн.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот