Катерина Крстева, позната како Мара Попара / Фото: Принтксрин, МНТ

Почина легендарната македонска актерка Катерина Крстева, позната како Мара Попара

На 85-годишна возраст почина македонската театарска, филмска и телевизиска глумица Катерина Крстева, која меѓу народот беше позната како Мара Попара, по улогата во филмот „Во кафулето кај Гене“. Веста за смртта на дамата на македонското актерство сподели Македонскиот народен театар.

Катерина Крстева / Фото: МНТ

Катерина Крстева е дел од создавањето на историјата на театарската уметност во Македонија. Нејзиниот препознатлив и ведар дух и лик, како и веселост на театарската сцена и ТВ екраните ја направија миленичка на широката театарска, филмска и телевизиска публика. Како актерка е вработена прво во Драмски театар, за во 1964 година да премине во НУ Македонски народен театар, Скопје, каде останува сé до пензионирањето.

Катерина Крстева / Фото: МНТ

Првата улога во МНТ и е онаа во драмата „Дон Цезар од Базан” премиерно прикажана во 1965 година. Останати нејзини позначајни улоги во МНТ се оние во претставите: „Антица” (1965), „Градскиот саат” (1966), „Ревизор” (1966), „Стапица за осум беспомошни жени” (1966), „Време од вашиот живот” (1967), „Сенка” (1967), „Вител” (1968), „Мајка” (1968), „Без вина виновни” (1968), „Бања” (1968), „Печалбари” (1969), „Играта на наредникот Мазгрејв” (1969), „Парите се отепувачка” (1970), „Живиот труп” (1971), „Херкул и оборите на Авгиј” (1971), „Коштана” (1971), „Зајдисонце” (1971), „Фома” (1972), „Животот на Галилеј” (1972), „Децата на сонцето” (1973), „Скуп” (1973), „Хелдерлин” (1973), „Ѕидот, водата” (1973), „Хемиските потписи на човечките организми во воздухот” (1975), „Хеда Габлер” (1976), „Отепвачка” (1976), „Бесови” (1978), „Кенгурски скок” (1979), „Милион маченици” (1980), „Остен” (1981), „Молскавици” (1981), „Граѓанинот благородник” (1982), „Воена тајна” (1984), „Бог” (1984), „Слободни врски” (1984), „Иванов” (1984), „Аудиенција и под нов покрив” (1988), „Рекламна бајка” (1989) и последната „Крик” (1991).

Катерина Крстева / Фото: МНТ

На телевизискиот екран и филмското платно има остварено главни и споредни улоги во сериите и филмовите: „Хихирику”, „Театарче лево коше”, „Трст виа Скопје”, „Македонски народни приказни”, „Поштар”, „Простодушна љубов”, „Погрешно време”, „Битолски лакрдии”, „Волшебното самарче”, „Шеќерна приказна”, „Учителот”, „Милион маченици”, „Едно лето”, „Случки од животот”, „Тврдокорни”, „Пред дождот”, „Во светот на бајките”, „Агенција осамени срца”, „Време за плачење”, „Мост” и други. Меѓу последите улоги и се оние во „Преспав” и „Дедо и внук”.

Катерина Крстева / Фото: МНТ

Погребот е денес во 13:00 часот на градските гробишта во Бутел. Информацијата во врска со комеморацијата за актерката Катерина Крстева ќе биде дополнително објавена, стои во објавата на МНТ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот