Почина ХЕРОИНАТА која ѝ се спротистави на КИНЕСКАТА ВЛАДА и спречи ЕПИДЕМИЈА на СИДА

Фото: Hampstead Theatre London

Лекарката која откри потенцијална епидемија на ХИВ и хепатит во централна Кина во 1990-тите години, спасувајќи илјадници животи, почина на 59-годишна возраст, објави Би-Би-си.

Поради своето откритие, лекарката Шупинг Ванг ја загуби работата, беше нападната и нејзината клиника беше вандализирана. Таа почина во САД, откако таму се пресели по скандалот.

Претстава инспирирана од нејзиниот живот моментално се игра во Лондон, а авторот ја нарече Ванг „херој на јавното здравство“. Таа никогаш не се врати во Кина, бидејќи велеше дека таму не се чувстува безбедно.

Во 1991 година во кинеската провинција Хенан, Ванг била задолжена да работи на станица за собирање на крвна плазма. Во тоа време, голем дел од локалното население ја продавало својата крв во државните банки за крв.

Набрзо откако се вработила на таа позиција, таа сфатила дека станицата претставува голем ризик за јавното здравје. Лошите практики на вадење крв и меѓусебното заразување на донаторите, значело дека голем дел од нив се инфицираат со хепатит ц и од други заразени лица.

Таа ги предупредила претпоставените во станицата за да ги променат протоколите, но нејзините повици биле игнорирани, поради тоа што, како што рекле тие, таквите чекори би предизвикале зголемување на трошоците.

Исплашена, таа го пријавила проблемот кај Министерството за здравство. Како резултат, министерството подоцна објавило дека сите донатори ќе мораат да бидат испитани за хепатит ц – намалувајќи го ризикот за проширување на болеста.

Но поради откритието, Ванг била принудена да го напушти работното место.

Надлежните посочиле дека нејзините одлуки „го попречиле и му наштетиле на бизнисот“. Таа била префрлена да работи во здравственото биро. Сепак, во 1995 година, таа открила уште еден скандал.

Лекарката открила дека крв од донатор кој претходно позитивно бил тестиран на ХИВ-тест, сѐ уште се продавала на четири различни локации.

Таа веднаш ги известила надлежните да започнат со тестирање за ХИВ на сите станици за земање крв во провинцијата Хенан. Уште еднаш, таа добила одоговор дека тоа би чинело премногу.

Затоа, таа одлучила да ги земе работите во свои раце, купила комплети за тестирање и по случаен избор земала над 400 примероци од донаторите. Нејзиното лично истражување покажало дека дури 13 отсто од донаторите биле ХИВ-позитивни.

Ванг со резултатите заминала во главниот град Пекинг. Но, на враќањето дома, таа била цел на напад на пензиониран лидер на бирото за здравство, кој дошол во нејзиниот центар и ѝ ја уништил опремата. Таа се обидела да го спречи, но тој ја удрил со својот бастум.

Во 1996 година, сите локации за собирање на крв и плазма ширум земјата биле затворен за „повторно сертифицирање“. Кога повторно се отворени, додадена била можноста и за тестирање за ХИВ.

– Се почувствував многу задоволно, поради тоа што мојата работа им помогна на сиромавите луѓе – изјавила Ванг. Но другите не биле задоволни.

Откако се прочуло за нејзиниот потфат, многумина не биле задоволни поради тоа што таа директно отишла кај централната власт.

Една година подоцна, од надлежните добила забрана за работа, кои побарале таа да работи дома за нејзиниот сопруг. Нејзиниот сопруг, вработен во Министерството за здравството, бил изолиран од неговите колеги, а брзо потоа нивниот брак се распаднал.

Во 2001 година, Ванг се преселила во САД, каде го земала англиското име Саншајн (Sunshine). Една година подоцна, кинеската влада признала дека се соочила со сериозна криза поради сидата во централна Кина. Повеќе од половина милион луѓе верувале дека биле инфицирани откако ја продавале својата крв во локалните центри.

Провинцијата Хенан, каде што работела Ванг, била една од најпогодените. Владата потоа објавила дека отворила специјална клиника за грижа на оние кои имаат сиптоми на сида и болести поврзани со неа.

Неколку години подоцна, Ванг повторно се омажила и живееше во Солт Лејк Сити, сѐ до 21. септември оваа година, кога почина додека пешачеше со сопругот и пријателите. Се верува дека причината за нејзината смрт е срцев удар.

– Тоа што зборував ме чинеше многу. Ја загубив работата, ми се распадна бракот и бев многу несреќна во тој период. Но исто така, тоа што зборував помогна да спасам животи на илјадници на луѓе – рече таа во интервју еден месец пред нејзината смрт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот