Почина Албин Пиберник-Бине, последниот учесник во Игманскиот марш
Пиберник на само 12 години се нашол во стројот на Првата пролетерска бригада, а потоа со неа бил и во легендарниот подвиг во сурови зимски услови, на температури под -30 степени
На 95-годишна возраст во Љубљана почина Албин Пиберник-Бине, учесник во НОВ и последниот жив борец на легендарната Првата пролетерска ударна бригада и учесник во легендарниот Игмански марш на партизаните во Втората светска војна, јавија регионалните медиуми.
Препорачано
Роден на 1 февруари 1931 година во Јесенице во Словенија, Пиберник беше син на револуционерите Јулка и Албин. Тој имал само 11 години кога се нашол во стројот на Првата пролетерска ударна бригада во босанското гратче Рудо, на 21 декември 1941 година, при нејзиното формирање. Таму дошол со татко му Албин постариот, предвоен комунист, и мајка му Јулијана, исто така комунистка.
Пиберникови биле бегалци од Словенија и им се приклучиле на партизаните уште летото 1941 година, во Шумадија. За време на ослободената територија на Ужичката република, таткото Албин во зградата на гимназијата во Ужице ја формирал словенечката чета „Иван Цанкар“, која на почетокот броела 23 борци, мажи и жени.
Во јануари 1942 година, Албин со родителите се нашол во партизанската колона преку планината Игман во Босна, во прочуениот подвиг на партизаните, кои марширале преку голема територија во сурови зимски услови и температури пониски од -30 степени. Пиберник децении подоцна раскажуваше за ова премреже.
„Наидовме на замрзнат поток, но мразот уште не беше доволно цврст, па моравме да прескокнуваме. Борците ме фатија за раце и нозе и ме фрлија преку потокот. Некако се најдов на другата страна. Мајка ми не успеа да прескокне, туку пропадна низ мразот и си ги намокри нозете. Мокра одеше до Брезовача. Кога застанавме покрај оган, видоа дека нешто не е во ред со нозете. Со ножеви ѝ ги исекоа чевлите. Нозете ѝ беа полни со смрзнатини и плускавци. Ја масираа, а потоа ја носеа до Дуго Поље. Јас преку Игман одев сосема сам“, раскажуваше Пиберник.
Албин не знаел каде му заостанал татко му во колоната, бидејќи една недела претходно бил ранет во раката и ногата.
Момчето потоа се нашло во градот Фоча, каде биле сместени ранетите и промрзнати партизани.
„Таму нè чекаа, подготвија кревети за сите смрзнати и ранети во поранешната касарна. Мајка ми беше во соба со уште две жени, јас бев сам. Постојано ја посетував. А потоа ѝ скокна температурата, доби гангрена, мораа да ѝ ги ампутираат двете нозе под колената“, се сеќава Пиберник.
Јулијана починала. На погребот нејзиниот син стоел крај гробот и плачел, опкружен со луѓе од болницата, кога некој го допрел по рамото и му рекол: „Пролетерите не плачат!“ Тоа бил Јосип Броз Тито.
„Престанав да плачам и од тогаш до денес не сум заплакал“, откри своевремено Албин Пиберник.
„Бидејќи татко ми беше комесар на Придружната чета на Врховниот штаб, Тито ме зеде да бидам со него и со Зденка (Даворјанка Пауновиќ) во куќата неколку месеци. Ми даваа инјекции, бавно закрепнував. Со Зденка помалку разговарав, со Тито многу повеќе. Беше многу внимателен и љубезен кон мене. Нареди да ми изработат униформа и ремен, добив и пиштол“, се потсети тој.
Пиберник бил во партизаните до капитулацијата на Италија во 1943 година, а потоа, откако се разболел, бил сместен во партизанска база во предградие на Љубљана. По ова, крајот на војната го дочекал кај неговата тетка.
По војната, Бине станал воен, а потоа и цивилен пилот, летајќи на меѓународни линии и поврзувајќи луѓе и народи. Неговата кариера во авијацијата била доказ дека борбата за слобода може да продолжи и преку мирнодопска работа, преку поврзување и служење на заедницата.
Албин неколкупати се сретнал со Тито, кој до крајот на животот ја следел неговата кариера. Живеел и почина во Љубљана, градот во кој оставил длабока трага.
Австријците кои присуствуваа на концертот на Томпсон во Загреб почнаа да добиваат казни


