По смртта на двајца пациенти од сепса во прилепската болница, обвинителството отвори предмет
Основното јавно обвинителство Прилеп оформи предмет по допрен глас, откако во јавноста се појавија информациите дека двајца пациенти во Општата болница Прилеп – жена на возраст од 48 години и непознат маж, на кои им биле изведени операции во болницата, се заразиле со интерхоспитална бактерија, од која починале. Болницата ги затвори седумте сали за операции по овие случаи.
Препорачано
Исто така, Основното јавно обвинителство Прилеп постапува и по добиена информација преку допрен глас за несовесно лекување на лице на возраст од 30 години на Одделот за неврологија при ЈЗУ Општа болница Прилеп. Пациентот наводно бил лекуван десетина дена со погрешна дијагноза.
„Со цел да ги провери овие информации и евентуална кривична одговорност, надлежен јавен обвинител издаде барања за прибавување на целокупната писмена документација во врска со овие случаи од Државниот санитарен и здравствен инспекторат Прилеп и од ЈЗУ Општа болница Прилеп. Издадена е и наредба до МВР – ОВР Прилеп да изврши информативни разговори со службени лица во болницата, со роднини и блиски лица на пациентите. По извршените проверки, ќе биде донесена одлука за натамошниот тек на постапката“, пишува во соопштението од Обвинителството.


