Затворени се салите за операции во прилепската болница, откако пациентка почина од инфекција

Шест дена се затворени операционите сали на Гинеколошкото, Хируршкото и на Ортопедското одделение во Прилепската болница. Оттаму се земени брисеви и се испитува бактериолошката состојба. Ова го потврдуваат од прилепската градска болница „Борка Талески“ и од Центарот за јавно здравје од Прилеп. Резултатите од земените брисеви се очекуваат деновиве.

Директорката на Прилепската болница, Кети Смилеска, објаснува дека сето ова се случува откако на скопските клиники почина пациентка од Прилеп која имала компликации ден по извршена киретажа во болницата.

– Во понеделникот 52-годишна прилепчанка имаше киретажа во болницата и беше испратена на домашно лекување. Во вторникот пациентката се вратила во болницата со компликации со зголемена температура. Наредниот ден е испратена на Гинеколошката и на Инфективната клиника во Скопје, каде починала. Од четвртокот се затворени операционите сали и се земени брисеви за испитување. До денес салите се затворени и се чекаат конечните резултати, објасни Смилеска.

Драгица Николоска, директорка на Центарот за јавно здравје, потврди дека се затворени операционите сали на Гинеколошкото, Хируршкото и на Ортопедското одделение и дека се чекаат резултати од земените брисеви.

– Чекаме резултати од Институтот за јавно здравје и од микробиолошката лабораторија при прилепскиот Центар за јавно здравје. Резултатите ги очекуваме најдоцна до петок, рече Николоска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот