По повод националниот ден на Шпанија ќе се одржи мултимедијалниот настан „Дон Кихот во Скопје“
Мултимедијалниот проект „Дон Кихот во Скопје“ на 21 октомври, со почеток во 19 часот, ќе биде изведен во фоајето на Националната опера и балет. Проектот го подготвија диригентката Дијана Имери Илкоска и пијанистот Дино Имери.
Препорачано
Настанот „Дон Кихот во Скопје“ содржи повеќе програмски сегменти. Во 19 часот ќе биде отворена изложба на слики од Владимир Георгиевски (1942 – 2017) и ќе се одржи промоција на книга за деца „Дон Кихот“. На настанот ќе има и изложба на скулптури со наслов „Дон Кихот и Санчо Панса“, а авторка на скулптурите е Јана Николовска.
Во 20 часот, ќе се одржи концерт на кој ќе биде изведено делото „Дон Кихот во Скопје“ на Дијана Имери Илкоска и пијанистот Дино Имери. Во изведбата на делото учествуваат камерниот оркестар „ИД“, солист на пијано е Дино Имери, солист на гитара е Ади Имери, а автор и наратор на текстот е Тина Иванова.
– Пред десетина години го просведочивме Дон Кихот во сиот свој сјај водејќи ги своите борби со ветерниците на платното на нашиот великан Владимир Георгиевски во рамки на неговата самостојна изложба.
Не можевме ни да замислиме дека по една декада ќе создадеме и ние дело директно инспирирано од овој шпански, а универзален јунак. Но, исто така, не можевме ни да претпоставиме колкаво влијание ќе изврши врз нас творештвото, но и неочекуваното пријателство со Маестро Георгиевски.
Денес, неговите дела се поживи од било кога благодарение на нивната безвременост, но и благодарение на неговото прекрасно семејство на кое сакам да изразам особена благодарност за срдечната поддршка во реализацијата на овој проект – истакнува диригентката Дијана Имери Илкоска.
Целиот настан е поддржан од Амбасадата на Шпанија, а влезот е слободен.


