Архива на СП

По блокадата од САД на Ормускиот Теснец, Иран со закана: Или сите ќе пловат безбедно или никој

Неколку часа по воведувањето на американската блокада на иранските пристаништа и на Ормускиот Теснец и повеќе од една недела по почетокот на двонеделниот прекин на огнот договорен меѓу САД и Иран, состојбата сè почесто се опишува како „ниту војна, ниту мир“, кревко примирје со неизвесен исход, пренесуваат медиумите.

Имено, иранските власти јасно го искажаа својот став околу новите состојби, велејќи дека се решени да ја обезбедат безбедноста на теснецот, а од друга страна предупредуваат дека на бродовите поврзани со нивните противници нема да им биде дозволено да поминат низ овој стратешки важен морски премин.

Зајакнување на контролата

Техеран соопшти дека работи на механизми за дополнително зајакнување на контролата врз теснецот. Ова вклучува планови за воведување царински давачки и транзитни такси за бродовите што сакаат да поминат низ областа.

Иранскиот корпус на револуционерната гарда ИРГЦ исто така најави нова бродска рута, поблиску до иранскиот брег, што укажува на обид на Техеран дополнително да ја консолидира својата контрола врз сообраќајот низ теснецот.

Конечно, иранската страна порача дека безбедноста ќе биде загарантирана за сите или за никого. Ова во пракса, како што пренесуваат медиумите, значи дека во случај на закани за бродови или клучни стратешки точки на земјата, ќе следуваат реципрочни мерки.

Венс: Иран спроведува економски тероризам, САД ќе возвратат

Од друга страна, американскиот потпретседател Џеј Ди Венс ја обвини владата на Иран за „економски тероризам“ поради блокирањето на сообраќајот низ Ормускиот Теснец, заканувајќи се со реципрочен одговор од страна на САД.

Во интервју за „Фокс Њуз“, Венс изјави дека претседателот Доналд Трамп покажал дека „и другата страна може да ја игра таа игра“, порачувајќи дека доколку Техеран продолжи со блокадата, Вашингтон ќе возврати со мерки што ќе значат дека ниту иранските бродови нема да можат да поминуваат.

„Ако Иран спроведува економски тероризам, ќе примениме принцип според кој ни нивните бродови нема да поминуваат“, рече Венс.

Тој се осврна и на викенд-преговорите меѓу САД и Иран, оценувајќи дека е постигнат „значителен напредок“, но нагласи дека одлуката сега е на иранската страна.

„Топката е кај Иран“, изјави Венс, додавајќи дека Техеран мора да покаже флексибилност и да ги прифати клучните барања на Вашингтон.

Меѓу нив, како што наведе, се американска контрола врз иранскиот збогатен ураниум и воспоставување механизам за надзор што би гарантирал дека Иран нема да развива нуклеарно оружје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот