ПМС: Од каде таа потреба за толку озборување?

Бидејќи однапред знаете дека никогаш нема да успеете да им ги „затнете“ устите, подобро е воопшто да не влегувате во нивната мрежа, туку џентлменски да кажете – Ако овие луѓе тоа ги прави среќни, нека (ме) озборуваат, само нека бидат среќни! (ако, воопшто, можат).

Озборувањата не се привилегија само на малите средини, и не се само типични комшиски и домаќински размени на „информации“. Тие се присутни во сите контексти во кои живееме, тука, во главниот град. Маскирани во јагненца, со лажици, вилушки и ножеви наместо јазици, озборувачите се хранат со озборувањата како да се најнеопходна животна храна. Со својот менталитет на стадо, најголемото лично задоволство го наоѓаат во туѓата мака и несреќа.

Ако сте биле и вие мета на озборувачите, – а кој не бил?! – и ако гласините ве „погодиле“, сигурно сте тргнале во потрага на одговорите – До толку ли им било здодевно што на мене се „навртиле“? Имаат ли овие луѓе свои животи или мојот им е поважен? Сакале ли да ме повредат или озборувале од навика за озборување? И, секако, нема да ги најдете одговорите. Се разбира дека озборувачите си имаат свои животи како и сите други, но тие се навикнати на својата многу ограничена внатрешност и природно си бараат „полнење“ од надворешните аспекти. Светот кој не опкружува е слика на нашето внатрешно „јас“ – колку е побогато нашето „јас“ толку ќе биде и побогато нашето опкружување. Затоа, меѓу озборувачите нема да најдете луѓе со богат внатрешен свет.

Озборувачите никогаш нема да признаат дека ве озборувале, исто како што никогаш нема да кажат за себе дека се озборувачи. Едноставно, немаат таква перцепција за себе. Всушност, убедени се во спротивното. А, дека ќе продолжат да озборуваат…, па, се разбира! Споделувањето на вакви „привилегирани“ информации за личност која не е присутна во разговорот, предизвикува силна хемиска реакција кај озборувачот– лачење на хормонот на среќата, сератонин. Затоа, озборувањето лесно знае да премине во вистинска зависност. И бидејќи однапред знаете дека никогаш нема да успеете да им ги „затнете“ устите, подобро е воопшто да не влегувате во нивната мрежа, туку џентлменски да кажете – Ако овие луѓе тоа ги прави среќни, нека (ме) озборуваат, само нека бидат среќни! (ако, воопшто, можат). Секако, последователните озборувања на иста личност многу повеќе откриваат за опсесивната посветеност, завидливоста и воопшто, за духовниот колапс на озборувачот, отколку што даваат информации за карактерот и постапките на озборуваниот.

Озборувањата се секогаш лелеави и шарени, никогаш конструктивни, а за да бидат поуверливи и поинтересни, мора да бидат добро зачинети. Па така, од едно уво до друго, преку една уста до друга, озборувањата добиваат сè попикантни зачини кои првичната „блуткава“ и тотално неважна информација ја трансформираат во сочен специјалитет на денот. А, за да имате озборувачка уста мора да имате и озборувачко уво. Инаку, понатамошното проследување на озборувањето ќе заврши, секако, со вас. Ставањето точка на едно озборување зависи од вас.

– Зошто ми го кажуваш ова мене?! Баш не ме интересира (тој/таа) што прави. 

Ете, толку (малку) карактер треба да покажете за да ставите точка на едно озборување.

Карма ис а бич“. Правилото важи и во овој случај. Имено, еден од најлошите ефекти на озборувањето е тоа што секогаш му се враќа на озборувачот. Во мигот кога вие озборувате некого, во исто време некои други ве озборуваат вас. Зашто, не заборавајте, тоа се истите луѓе со кои ги споделувате вашите озборувања. И на кои, исто така, како и на вас, им треба стимул за активирање на хормонот на среќа. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот