Платформата падна уште на првото тестирање

22 септември 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат

Тестирањето е дел од постапката за постигнување целосна функционалност на платформата и во тест-фазата се детектираат и се надминуваат сите проблеми. За да обезбедиме потполно функционална платформа до почетокот на учебната година, тестирањата продолжуваат и во наредните денови – велат од МОН.

Со многу возбуда и нервоза, со колективно делење „пасворди“ во училиштата и со првиот „пад на системот“, вчера почна тестирањето на првата Национална платформа за учење на далечина, односно интернет-адреса на која ќе се одвива онлајн наставата за основците и средношколците. Претходно 1.615 наставниците во сите училишта во земјава имаа обука кај 30 национални обучувачи како да ја користат платформата и како да предаваат на далечина. Обучените наставници, пак, треба да ги обучат сите наставници во земјава.

Учениците вчера добија лозинки за да се вклучат пробно на онлајн час со помош на своите наставници, кои треба да им објаснат на учениците како ќе функционира платформата. Сепак, иако повеќе наставници успешно го поминаа пробниот ден, имаше и такви што пријавија проблеми, односно паѓање на платформата уште во текот на првиот ден од тестирањето.

Од МОН тврдат дека тоа е очекувано, односно дека токму затоа се одвиваат и овие тестирања и не станува збор за некаков проблем со платформата.

– Тестирањето е дел од постапката за постигнување целосна функционалност на платформата и во тест-фазата се детектираат и се надминуваат сите предизвици. За да обезбедиме потполно функционална платформа до почетокот на учебната година, тестирањата продолжуваат и во наредните денови – велат од МОН.

Николче Шулески, доктор по науки за методика во онлајн настава, е задоволен од тоа што сега и во Македонија ќе може да се користи оваа платформа.

– Чест ми е што нашата земја почнува со воведување онлајн настава и токму преку платформата „Мудл“, која е најшироко распространета во светот. Онлајн наставата во Македонија се изведува со два сегмента – се користи „Мајкрософт тимс“ за аудио и видеокомуникација со учениците, алатка преку која наставниците ќе стапуваат во контакт со учениците, додека делот настава, поточно местото каде што учениците ќе учат, читаат, слушаат и ќе пишуваат домашни задачи и ќе се тестираат и така натаму, односно местото каде што ќе се одвива наставниот процес е националната платформа за учење на далечина – вели Шулески.

И покрај успешното вклучување на платформата, во врска со малите проблеми со кои се соочија некои од учениците, Шулески посочи дека во процес на тестирање тоа е нормално и изрази надеж дека во иднина проблемите ќе станат минато.

– Од вчера почна да се изведува пробно тестирање, откако најпрво на учениците им беа доделени лозинки и кориснички имиња, а ние во моето матично средно училиште „Јане Сандански“ во Битола на учениците им споделивме и видео како да го инсталираат и да го користат првиот сегмент од наставата, односно „Мајкрософт тимс“ и денеска почна тест-периодот. Во тест-периодот учениците успешно се поврзуваа со своите наставници. Првиот контакт е успешно воспоставен, платформата е доста квалитетна и применлива во наставата, учениците добро ја прифаќаат, а дури и јас како експерт би кажал дека нашите ученици имаат подобри компетенции од наставниците и тие подобро се снаоѓаат од нив – истакна Шулески.

Наставниците веруваат дека платформата ќе биде лесна за комуникација

Наставниците што веќе се обучени како да ја работат платформата изразија надеж дека тест-периодот ќе помине добро и учениците нема да се соочат со проблеми при приклучување на онлајн часовите.

– Верувам дека платформата ќе ни биде од голема помош, посебно за часовите по информатика, но се разбира и за другите наставници и професори. Таа е лесна за употреба, секој почеток секако е тежок, но добро е што е преведена на сите национални јазици. Ова е единствена платформа што можеме да ја користиме на наш сопствен јазик и со тоа и ние и учениците и родителите добиваме голема помош – вели Марија Смиљков, наставник по информатика во основно училиште.

Смиљков додава дека самата насловна страница на платформата е многу едноставна, односно дека сите опции јасно се посочени и учениците ќе можат едноставно да се снаоѓаат на неа.

– Со основна почетна страница на која лесно се навигира, од најмали па до најстари ќе биде лесно за комуникација. Јас го одржав мојот час со учениците со мала асистенција, тие веќе се најавија и успешно го одржавме првиот час, а верувам дека и сите други нема да имаат никаков проблем – нагласи Смиљков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот