План „Б“ за амбасадори со двојно државјанство

Да не избрзуваме кога се зборува за темата со двојните државјанства на амбасадорите, порача претседателот на Владата, Зоран Заев, потсетувајќи на значењето на македонската дијаспора за државата. Коментирајќи ја одлуката на пратениците од владејачкото мнозинство да ги повлечат предложените измени на Законот на надворешни работи, со кои ќе се дадеше зелено светло за именување за амбасадори на лица со двојно државјанство, премиерот Заев истакна дека ваквиот потег Владата ќе го почитува, но откажувањето во голема мера се должело и на амандманската блокада што ја најави опозицијата.

– Повлекувањето на законот го правиме доминантно за да не се бараат понатаму изговори за блокирање. Второто, се НАТО сертификатите што сега се воведени како новина и се важна причина за сертификацијата на амбасадорите кои одат во земји членки на Алијансата, вели Заев.

Двојното државјанство нема да е пречка за амбасадорската функција

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, кој е и прелагач на измените, соопшти дека тие ќе бидат повлечени откако претходно претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика и пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошовски истакна дека опозиционерите ќе поднесат триста амандмани, со цел да се закочи процесот. Од друга страна, премиерот потсети дека минатата година, кога до Собранието беше доставен предлог за нов Закон за надворешни работи изготвен од МНР, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ немале никакви забелешки, иако и со тој текст било овозможено да се испраќаат амбасадори со двојни државјанства, со единствено ограничување тоа да не биде во земјата од која веќе поседуваат пасош.

– Законот беше поднесен и во минатиот парламентарен состав. Тогашниот, кој е и сегашен претседател на Комисијата за надворешни прашања, господинот Милошовски немаше проблем. Впрочем, додека бил министер биле пуштени амбасадори со двојни државјанства, а се поставија и министри со двојни државјанства во минатите Влади, додаде Заев.

Измените, зад кои сега застанаа пратениците Јован Митрески, Арбер Адеми и Кастриот Реџепи, предизвикаа низа негативни реакции особено во фелата. Првиот човек на Советот на амбасадори, Љупчо Арсовски истакна дека со ваквиот чин се уриваат темелите на државата и се преиспитува кредибилитетот кај назначените замбасадори, особено што ова не смее да биде практика во дипломатијата. Реагираа и од Македонскиот дипломатски синдикат, од каде велат дека не смее да се релативизираат условите за стекнување на звањето амбасадор, во период кога се оспоруваат нациналните атрибути на државата.

Сепак, како што неофицијално дознава Слободен печат, властите нема да се откажат од идејата и на лицата со два пасоша ќе им биде законски овозможено да бидат именувани за амбасадори, доколку успеат да го протуркаат новиот Закон за надворешни работи, чија првична верзија до крајов на неделава ќе се финишира во ресорното Министерство. Оттаму не добивме потврда на информациите, кои говорат дека новиот текст на законот, барем во делот на членовите кои ги утврдуваат критериумите за назначување амбасадор нема да има значајни промени од она што како предлог се најде минатата година во верзијата на Никола Димитров, која по недобивање позитивно мислење од страна на неколку институции актуелниот министер Бујар Османи ја повлече и тргна да изготвува нова.

Засега не е јасно кога новиот текст ќе биде споделен пред јавноста и дали со него ќе се надмине уште една правна нелогичност што произлезе од предложените измени, која се коси со Законот за класифицирани информации. Според овој закон, највисокиот степен на класифицираност „државна тајна“ кој го поседуваат амбасадорите, не смее да биде издаден на граѓанин што има и друго државјанство. За вториот степен на класифицираност, „строго доверливо“, се овозможува лицето да е државјанин на друга земја-членка на НАТО, но во досегашната дипломатска практика не постои амбасадор без „државна тајна“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот