Двојното државјанство нема да е пречка за амбасадорската функција

Можноста за именување амбасадори со двојно државјанство по скратена постапка влегува во Собранието. Измените и дополнувањата на Законот за надворешни работи кои се на предлог на група пратеници се скоро идентични со текстот за ново законско решение што минатата година го поднесе поранешниот прв дипломат Никола Димитров.

Тој предлог-закон за надворешни работи сепак не стигна до усвојување, откако беше повлечен од процедура кога на функцијата стапи новиот министер Бујар Османи. Сега, зад измените застанаа пратениците Арбер Адеми од ДУИ, Јован Митрески од СДСМ и Кастриот Реџепи од БЕСА, кои информираат дека предлогот е во скратена постапка, бидејќи, како што велат, не е обемен. Според пратениците, со постоечкото решение, кое предвидува дека лицето именувано за амбасадор треба да е државјанин само на Република Северна Македонија, се ограничува уставното право на секој граѓанин да учествува во вршењето на јавни функции. Оттаму предлогот е да се избрише зборот „само“, а воедно да се додаде член со кој лицето што има двојно државјанство да не може да биде именувано во онаа држава чиј пасош поседува.

Прашањето се актуелизираше откако минатата година на списокот со предлози на МНР за нови амбасадори, осамнаа имиња на лица со двојни државјанства, за кои претседателот Стево Пендаровски категорично одби да даде согласност за нивно именување, се додека постоечкиот Закон тоа не го овозможува. Претседателот на Советот на амбасадори, Љупчо Арсовски, информира дека тие се спротивставуваат на новата идеја.

-Единствено беше направен преседан пред триесетина година, кога Љубица Ачевска беше именувана за специјален претставник во Вашингтон, но тогаш се направи договор нејзиното американско државјанство да биде замрзнато. Овој предлог со двојните државјанства е голема грешка, а објаснувањата во негова полза се неточни. Не сум чул некој да има двојно државјанство во мојата 40-годишна дипломатска кариера и има причини зошто тоа не се прави. Смешен е и предлогот да не се испраќаат во земјата од која имаат државјанство, па таман работа во своја земја да е некој амбасадор, изјави Арсовски.

Според него ваквиот предлог не доведува до професионализација на дипломатската служба.

-Ваквата практика во Европа е одамна напуштена. Таму самите држави бараат и онака да имаш само едно државјанство, како што е Шведска. Со тоа се покажува лојалност кон местото на живеење, а не пак во случаи кога те именуваат на функција. Имавме рецидив, бидејќи во минатото бевме шест држави во една федерација и постоеја лица со двојни државјанства, но во моментов предлогот е нон-сенс, заклучува Арсовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот