Пивоваров предлага секој вработен на граничен премин да оди на полиграф

проф. д-р Владимир Пивоваров/ Фото: „Слободен печат“/ Драган Митрески

Националниот координатор за гранично управување, Владимир Пивоваров одржа прес-конференција на која го најави отпочнувањето на серија јавни дебати за примена на полиграф на вработените на граничните премини, како превентивна мерка за спречување на можна корупција.

„За да се спречи корупцијата на граничните премини, Националниот Совет ќе отвори јавна дебата. Предвидено е да има пет сесии во кој ќе бидат инволвирани експерти, професори по правни науки, здруженија на автобуски превозници, стопанска комора, невладин сектор, фактори од меѓународната заедница и претставници на политичките партии по што ќе биде поднесен извештај до Собранието,“ изјави Пивоваров.

Тој оцени дека ситуацијата со корупцијата на граничните премини и зелената линија, од осамостојувањето на државата до денес останува сложена, укажувајќи дека генерално корупцијата на граничните премини тангира два фундаментални сегменти по државата, а тоа се безбедноста и економијата.

„Доколку имаме само некој корумпиран службеник на граничната линија, можно е да бидат пропуштани наркотични супстанци, оружје, експлозиви и терористи што во голема мера би ја нарушило националната безбедност. Гледано од економски аспект, можниот внес на репроматеријали кои не се оцаринети или се оцаринети со помала царинска стапка од предвидената. Корумпиран службеник на граничната линија овозможува натамошно надградување на сивата економија, се до крајниот потрошувач, со што се нанесуваат енормни штети на буџетот на државата. Впрочем, сивата економија учествува во нашиот годишен БДП по укажувањето на Светска банка со 36%, а најголемиот дел од сивата економија започнува токму од влезот на стоките во државата на нашите гранични премини“, вели Пивоваров.

Пивоваров вели дека единствен начин за решавање на овој тежок проблем е примена на полиграфот како инструмент за утврдување на интегритетот на сите службеници кои работат на граничната линија.

„Доколку сме спремни како држава, ајде да го спроведеме проектот со полиграфирањее на вработените на граничните премини. Посебно внимание ќе се посвети на воспоставување на самостоен и независен државен орган за спроведување на полиграфирањето, а примарен надзор и контрола над работењето ќе врши Собранието на Република Северна Македонија, со цел оневозможување на субјективни влијанија врз полиграфистите. Прашањето што треба да се реши на краток рок е дерогацијата на правото. Учесниците на дебатите ќе ги проценат сите позитивни аспекти на овој проект, ќе ја анализираат законската постапка и начинот на полиграфирање на лицата кои работат на високо ризични работни места на граничната линија. Од дебатите ќе произлезат заклучоци за натамошно постапување со службеници со негативен резултат од полиграфското тестирање во насока на нивно отстранување од конкретното работно место“, изјави Пивоваров и дополни дека тој би бил првиот кој би седнал на полиграфското столче.

Оваа јавна дебата ја поддржува Владата во заложбите за спречување на корупцијата и е комплементарна со активностите од Националната стратегија за спречување на корупција и напорите на надлежните институции за консолидација на одговорот во оваа област.

„Неспорно е дека натамошното развивање на националниот систем за ИГУ, согласно европските стандарди, ќе ја подобри националната гранична безбедност и истовремено ќе овозможи поефикасен заеднички пристап и координирано справување со сегашните и идните закани по националната гранична безбедност и европската гранична безбедност во целина, а тоа се пред се тероризмот, илегалната миграција, корупцијата и други облици на организиран криминал”, заклучи на денешната прес-конференција Владимир Пивоваров, националниот координатор за гранично управување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот