Писмото до МПЦ-ОА скапо го чинеше – Софија му изрече „аргос“ на архимандритот Никанор
Софиската митрополија го санкционира архимандритот Никанор со 15-дневна забрана за свештенослужење, поради прекршување на црковните правила и јавни изјави што се толкуваат како мешање во работите на Македонската православна црква.
Софиската митрополија на Бугарската православна црква (БПЦ) соопшти дека на архимандритот Никанор му е изречена црковна казна „аргос“ – целосна забрана за свештенослужење во траење од 15 дена, почнувајќи од 23 октомври 2025 година.
Препорачано
Причината, како што е наведено, е „неизвршување или невнимателно извршување на црковните правила, одредбите на црковниот устав, службените должности или законитите наредби на црковната власт“.
Архимандритот Никанор е познат на македонската јавност по своите изјави поврзани со Македонската православна црква, од кои Бугарската православна црква претходно се огради, оценувајќи ги како „недозволиво мешање“ и „обид за влијание врз една братска помесна црква“.
Тоа не беше првпат тој да биде опоменат за јавно изнесени ставови што, според Софиската митрополија, биле без благослов и во спротивност со монашкото послушание и црковната дисциплина.
Во официјалното соопштение се наведува дека, врз основа на извештајот бр. 2831-А/22.10.2025 г. и согласно со член 81, став 1 и член 95, т. 14 од Уставот на Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија, на архимандритот Никанор (Мишков), игумен на манастирот „Св. безсребреници и чудотворци Козма и Дамјан“ кај селото Гигинци, му се изрекува казна „аргос“ за систематски прекршоци. Забраната за свештенослужење трае 15 дена, почнувајќи од 23 октомври 2025 година.
Софиската света митрополија воедно категорично се дистанцира од сите обиди за мешање во внатрешните прашања на Православната црква во Република Македонија. Ова е наведено во „вонредното соопштение“ објавено на нивната официјална веб-страница.
Реакцијата доаѓа по „отвореното писмо“ што архимандритот Никанор, клирик на Софиската епархија, во јуни годинава го испратил до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, и до членовите на Светиот синод.
Во него тој изрази поддршка за епископот Партениј од Бигорскиот манастир пред изборот на нов митрополит на Дебарско-Кичевската епархија.
Иако во писмото нагласува дека изборот на нов митрополит е исклучиво право на МПЦ-ОА и дека неговото мислење е необврзувачко, архимандритот вметнува и предупредувачки тон.
„Ако не го изберете епископ Партениј, туку некој друг на местото на блаженоупокоениот митрополит Тимотеј, делото на владика Партениј нема да биде продолжено, туку ќе биде уништено! Целата таа духовна убавина – и во Бигор, и во Рајчица, и во Кичево, и на други места, која денес благодатно го милува окото и го грее срцето, ќе помрачи! (…) Не е грев на дедо Партениј тоа што е пријател со Бугари и со Грци. Тоа е заслуга, бидејќи тој е пријател на сите луѓе и не ги дели по националност (…) Ве молам, не ја претворајте бугарофобијата – на која имате право (иако е грев) – во богоборство!“, напишал архимандритот.
Во писмото, тој дополнително укажува дека изборот на нов архиереј е можност МПЦ-ОА да покаже духовна зрелост и да заслужи целосно канонско признание од сите православни цркви.
„Отфрлете ги далеку од вашите умови и срца сите ‘аргументи’ од национален, политички и геополитички карактер, и кога ќе ја донесувате одлуката за избор на нов Дебарско-Кичевски митрополит, мислете и дејствувајте единствено како Христови соработници“, порача архимандрит Никанор.


