Писателот Влада Урошевиќ гостуваше на 56. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ

Разговор на писателот со семинаристите во Охрид

Во рамките на 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ (МСМЈЛК при УКИМ), на 23 август во Охрид се одржал разговор со писателот, академик Влада Урошевиќ по повод наградата „Роман на годината“ за 2022 година, која за неговиот роман „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски, за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ му ја додели Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

Романот е во издание на „Арс Ламина“, а разговорот со Влада Урошевиќ за слушателите од напреднатите рамништа на Летната школата го водеше новинарката Катерина Богоева, членка на Фондацијата.

Семинаристите покажале голем интерес за разговорот со Урошевиќ и за неговиот најнов роман. Покрај прашања за романот и воопшто за неговите прозни дела, се отвориле и прашања за поезијата и за неговиот истражувачки порив. Меѓу другото, Урошевиќ со семинаристите споделил и свои сеќавања од Струшките вечери на поезијата, навраќајќи се кон нивните почетоци, токму во годината кога е добитник на Златниот венец.

Со одржаниот разговор со Влада Урошевиќ, МСМЈЛК при УКИМ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ ја продолжуваат традицијата на претставување на лауреатите на престижната награда за роман напишан на македонски јазик и пред учесниците на Школата.

Некогашниот „Утрински весник“, кој ја востанови и ја доделуваше наградата „Роман на годината“ во текот на целото свое постоење (1999 -2017), гостуваше со неколку од досегашните 24 лауреати и на Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ. Фондацијата „Славко Јаневски“ продолжи со доделување на истата награда почнувајќи од 2017 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот