Писателот Томислав Османли е добитник на книжевната награда „Донат“ за животно дело

Томислав Османли

На литературна свеченост одржана во Задар, Хрватска, беа доделени годишните награди „Донат“ и „Горан Бујиќ“, кои ги доделува задарскиот оддел на Хрватското книжевно друштво – оддел Задар.

Лауреати на наградите се и четворица македонски писатели: Томислав Османли со награда за животно дело и книжевните творци Борче Панов, Даниела Андовска-Трајкова и Марина Мијаковска, како и невладината организација „Хрватско-македонска тангента“, сите наградени за видни книжевни придонеси.

Предлозите за награди до жирито пристигале од сите пет ограноци на ХКД, а конечните одлуки ги донело жири од 21 член, на чело со претседателот на задарскиот огранок на Хрватската книжевна асоцијација, предводен од писателот Никола Шимиќ Тонин, поет, романописец, драмски автор и преведувач.

– Наградата „Донат“ му се врачува на Томислав Османли, македонски писател, сценарист, драматург, теоретичар на медиуми, филмски и театарски критичар, новинар и есеист – стои во дел од подолгото образложение за високото хрватско книжевно признание – автор е на 28 книги публицистика, драмски текстови, сценарија и прози. Неговата теоретска студија „Филмот и политичкото“ (1981) е првата книга во Македонија посветена на седмата уметност, онака како што „Стрип, запис со човечки лик“ (1987, 2002) е првата книга посветена на деветтата уметност во таа земја.

Инаку, високите признанија именувани „Донат“ и „Горан Бујиќ – писатели и новинари“ се доделуваат во знак на почит и сеќавање на рано заминатиот задарски творец, новинар, писател, критичар и уредник Горан Бујиќ (род. 1955) секоја година на 28 декември, роденденот на творецот.

Годинава со двете награди се почестени четворицата македонски автори и асоцијацијата која создава бројни културни мостови меѓу Хрватска и Македонија, предводена од политикологот Сашо Георгиевски. На овој начин асоцијацијата на задарските книжевни дејци, дел на Хрватското книжевно друштво, ја потврди својата отвореност и респектот кон македонските литературни творци во доменот на романескното, поетското, мултимедиското и теоретското творештво.

Најзаслужен за тоа уважување е првиот човек на задарскиот Огранок, писателот Никола Шимиќ, како и неговите соработници од Управата и независните интелектуалци од бројниот состав на годинашното жири на наградите „Донат“ и „Горан Бујиќ“.

Заблагодарувајќи се од името на лауреатот на највисокото признание, наградата „Донат“ за животно дело на Томислав Османли ја прими Секретарот на „Хрватско-македонска тангента“, Милена Георгиевска, новинарка и уредничка на списанието „Македонски глас“ од Хрватска.

Останати добитници на наградите се авторите Марјан Пунгартник и Ана Чагаљ. Наградите се состојат од Диплома, Медалјон со ликот на Горан Бујиќ и уметничка слика/фотографија, дела на еминентни задарски уметници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот