Писателот Иван Антоновски е добитник на наградата за најдобар расказ „Живко Чинго“

Расказот „Ние ја имаме судбината на Јозефа К.“ под шифра: „Обид на македонистот“ на Иван Антоновски од страна на комисијата во состав проф. д-р Димитар Пандев (претседател), м-р Перчо Божиновски и доц. д-р Мерсиха Исмајлоска (членови) е избран за најдобар на годинашниот конкурс „Живко Чинго“.

Иван Антоновски (1990) е писател, книжевен критичар, есеист и книжевен преведувач, асистент на Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Автор е на неколку книги со студии и есеи за современата македонска книжевност, поетски книги и книжевни преводи.

Неодамна, во издание на книгоиздавателството „Матица македонска“ беше објавена неговата најнова книга „Просто и строго – Конески“. Соприредувач е на три антологии и на неколку други монографски публикации кои се однесуваат на современата македонска книжевност.

Бил уредник и соработник на неколку списанија за книжевност и култура, меѓу кои и на е-неделникот „Репер“. Во моментов е уредник на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“.

Добитник е на неколку книжевни награди и општествени признанија, меѓу кои се наградата „13 Ноември“ на Град Скопје и наградата „Франк Манинг“ на Ректоратот на УКИМ. Прогласен е за најдобар млад научник во хуманистичките науки за 2021 година и од претседателот на државата му беше доделено признанието „Успешни млади“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Сојузот на литературните преведувачи на Македонија и на Македонскиот славистички комитет.

– Расказот „Ние ја имаме судбината на Јозефа К.“, навистина беше обид на македонистот. Се случи во гротескната стварност кога и натаму ја живее(в)ме драматичноста на конфликтот меѓу колективизмот и индивидуализмот што ја има во опусот на големиот Чинго. Да се добие признание кое го носи името на големиот Живко Чинго и се доделува во негова чест и во негов спомен, и тоа на анонимен конкурс со долга традиција, е и повеќе од творечка радост, чест и обврска… Иако, „…сè може да се случи кога луѓето се млади“, како што се вели во Чинговиот расказ „Ќерка“ – истакнува Иван Антоновски по објавата на неговото име како добитник на наградата.

Наградата за најдобар расказ ќе му биде доделена во рамки на манифестацијата „Вечер на Живко Чинго“, што ќе се одржи на 13 август во неговото родно место Велгошти, известија од Општина Охрид.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот