Пирс Морган откри кои интервјуа му биле најстрашни: „Најопасната личност што сум ја сретнал“
Иако понекогаш контроверзен водител од чии интервјуа славните знаат да си заминат поради неговите прашања, Пирс Морган може да се пофали со кариера долга дури 35 години. Интервјуирал бројни контроверзни личности, спортисти, актери и пејачи, а во еден период од кариерата се фокусирал и на вистински злосторства.
Препорачано
Тој денес го слави својот 61. роденден, а во текот на кариерата разговарал со познати имиња како Канје Вест и Кристијано Роналдо.
Во средината и крајот на 2010-тите, Морган се насочи кон криминални теми, водејќи емисии како „Killer Women“, „Confessions of a Serial Killer“ и „Psychopath with Piers Morgan“, во кои зад решетки разговараше со осудени убијци.
Во една од тие емисии ја запознал Ерин Кафеј, која ја опиша како „веројатно најопасната личност“ што ја сретнал. Таа имала само 16 години кога го наговорила својот дечко Чарли Вилкинсон и неговиот пријател Чарлс Вејд да го убијат нејзиното семејство во Тексас, откако ѝ било забрането да се гледа со него.
Таа ноќ, напаѓачите влегле во домот на семејството Кафеј и ја убиле нејзината мајка Пени, како и браќата, 13-годишниот Метју и 8-годишниот Тајлер, користејќи огнено оружје и самурајски меч. Нејзиниот татко Тери успеал да преживее и да избега од запалената куќа, иако бил ранет со неколку куршуми.
Во интервју со Лорејн Кели во 2016 година, Морган детално го опиша случајот и сопствената реакција.
„Таа, всушност, го крои уништувањето на своето семејство. Го праќа дечкото со неговиот пријател, додека таа чека надвор. Тие влегуваат со мачети и пиштоли, ја убиваат мајката, го изрешетуваат таткото и ги убиваат браќата. Немаше никакво предупредување. Додека ја гледав, си помислив: ‘Боже мој, ти си веројатно најопасната личност на која сум ѝ бил толку блиску’. И по еден час разговор немав објаснување зошто го направила тоа.“
Самата Кафеј во разговор со Морган изјавила: „Бев шокирана, лута и повредена. Тоа беше типот со кој требаше да го поминам животот. Кога сега ќе се навратам, сè беше глупаво. Мислам, зошто? Не ме тепаа, не ме изгладнуваа.“
Таа и Боби Џонсон биле осудени на најмалку 40 години затвор, со што ја избегнале смртната казна на барање на нејзиниот татко, кој сакал тие да се „покаат“.
Освен ова интервју, Морган издвоил уште едно како особено вознемирувачко – разговорот со Роберт Блејк.
„Роберт Блејк целосно полуде – ја скина јакната, ја тргна слушалката и почна да ме навредува, па дури и ме нарекуваше Чарли Потејтос. Обезбедувањето влезе во студиото, не знаејќи дали е вооружен. Сите стоеја со оружје и си помислив: ‘Ќе имаме сцена овде’. Беше прилично лудо“, изјави Морган за „Џеј-кју“.
Интервјуата со вакви личности, како што признава и самиот, оставиле силен впечаток врз него и ја покажале темната страна на човечката природа.


