Петровска со предупредување до „Пејпар мил“: Ако продолжите да загадувате во Кочани, ќе ве затвориме

Фото: mia.mk

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) интензивно работи на спречување на загадувањето од фабриката „Пејпар Мил” во Кочани и доколку наскоро состојбите не се променат, можно е нејзино затворање, најави директорката на инспекторатот, Ана Петровска.

При денешната работна посета на Кочани, таа оствари средба со градоначалникот Николчо Илијев, при што нагласи дека граѓаните воопшто не треба да се сомневаат за некакви компромиси во битката за чиста животна средина.

– Со последното мерење, од почетокот на декември, се утврди дека се надминати дозволените вредности, односно беше докажано дека котелот на пелети не може да се користи со постојниот систем за пречистување на отпадните гасови и дека мора да се преземат одредени мерки. Наместо водено отпрашување подобри резултати ќе даде вреќаст филтер, за што сме во комуникација со Министерството за животна средина коешто треба да направи прилагодување на интегрираната дозвола, а компанијата да направи инвестиција за инсталирање таков филтер. Следното мерење е закажано за 30 декември и од резултатите ќе зависи дали и понатаму „Пејпар мил” ќе може воопшто да работи, односно ако има отстапување од дозволените параметри ќе биде задолжен, наместо со пелети, да работи на метан. Ако тоа не е можно, ќе наредиме престанок на функционирањето на инсталацијата, истакна директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска.

Градоначалникот Илијев нагласи дека локалната самоуправа, во рамки на своите законски надлежности, презема мерки за намалување на причините за аерозагадувањето, истакнувајќи го субвенционирањето на набавката на печки на пелети и инвертер климатизери, како и проектот за спречување на палењето на сламата по жетвата на оризот.

Незадоволството од бавното решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Кочани, особено од „Пејпар мил”, граѓаните го искажаа викендов со двочасовна блокада пред влезот на фабриката, најавувајќи радикални мерки ако наскоро не се постигнат подобрувања на состојбата.

ВИДЕО: Погледнете како се „гуши“ Кочани

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот