Петровска: Придонесот на жените како лидери е поважен од зголемувањето на процентите

Фото: Министерство за одбрана

Северна Македонија е позитивен пример во доменот на родовата еднаквост и родовата перспектива и тоа го кажувам од личен пример – јас сум министерка за одбрана и не сум првата жена која била поставена на оваа позиција. За мене е многу важно придонесот на жените да се гледа од квалитативен аспект, како жени лидери и жени донесувачи на одлуки, не само како бројка или процент, истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска на Конференцијата „Жени, мир и безбедност” која се одржа денеска во Приштина.

Министерката Петровска истакна дека во безбедносниот сектор во Северна Македонија освен на позицијата министерка за одбрана, жени се поставени и на позиции заменичка на министерот за надворешни работи, државна секретарка во Министерството за внатрешни работи и заменичка на директорот на Агенцијата за разузнавање – клучни лидерски позиции на кои жените можат да направат разлика и да дадат суштински придонес.

Во однос на одбраната, како што информираат од Министерството за одбрана Петровска рекла дека направен е голем исчекор и во бројот на жените во Армијата, но и во вклучувањето на родовата еднаквост и родовата перспектива во политиките на Министерството.

,,Во 2012 година, бројот на жени во Армијата бил под 5 проценти, додека денес е зголемен за дупло, односно изнесува над 10 проценти. Зголемувањето може да се види и на клучни менаџерски позиции. Важно е што работиме и внатре во институцијата, но и во јавноста и кон граѓаните проектираме родова еднаквост и родова перспектива. Министерството е родово сензибилизирано, односно во Министерството работат 28 НАТО родови обучувачи, кои во континуитет спроведуваат обуки и тренинзи за потребата од родова еднаквост, родов баланс и родово сензитивни политики”, изјавила министерката.

На панелот со министерката учествувале повеќе високи официјални лица регионот и светот, меѓу кои и Ана Лурман, државна министерка за Европа и клима во германското Министерство за надворешни работи, Дипу Мони, министер за образование на Бангладеш, како и Велислава Петрова, заменичка на министерот за надворешни работи на Бугарија, а свое видео обраќање имаше и Ирене Фелин, специјална претставничка за Жени, мир и безбедност на генералниот секретар на НАТО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот