Петрески: Растот на просечната плата е добар, но е недоволен

Секако, напредокот на патот на евро-атлантската интеграција беше значајна добра вест за економијата, вели професорот.

Испорачаниот раст на БДП-то кој за 2019 година се очекува да биде 3,6 отсто може да се смета за задоволителен во тековниот контекст, оценува проф. д-р Марјан Петрески од Универзитетот Американ Колеџ – Скопје.

Професорот Петрески во разговор за „Слободен печат“ посочува дека напредокот на патот на евро-атлантската интеграција беше значајна и добра вест за економијата.

– Нам, како на мала држава, која всушност и нема изобилие на ресурси, неопходен ни е странскиот капитал и меѓународниот пазар, како и надворешна сила која ќе ни помогне во побрзото и поефикасно спроведување на структурните реформи. Во моментов, таква екстерна сила, освен во интеграцијата во ЕУ, не гледам – вели Петрески.

Тој додава дека генерално, интеграцијата ќе го стабилизира институционалното опкружување, ќе го зајакне владеењето на правото, ќе го стесни просторот за неповолни компромиси при дизајнот и спроведувањето на економските политики, односно ќе го зајакне управувањето… Секако, иако напредокот на патот кон ЕУ е своевиден успех, неодредувањето датум за преговори кој дојде подоцна во годината е чекор назад и постојано ќе не` потсетува дека ставањето се` на една карта, вклучително и во поглед на економијата и како да го подобриме животниот стандард, е многу ризично, посочува Петрески.

Тој смета дека мешањето на државата во економијата се намали во одредена мера и тоа може да се смета за успех. Притоа, тука не мисли на тоа дека државата го намали своето зафаќање од доходот, потрошувачката и профитот, бидејќи тие зафаќања се секако ниски, ниту на директните плаќања кои државата ги прави преку субвенциите на повеќе пунктови (земјоделство, компании и сл.), бидејќи тие останаа високи, туку повеќе мисли на намалувањето на пристрастната употреба на инструментите на власта во влијание врз економските агенти, односно бизнис секторот и граѓаните.

– Дополнително, се покажа волја за пошироки консултативни процеси во дизајнот и спроведувањето на добар дел (иако не целосно) од економските и социјалните политики, и тоа е добар чекор, кој треба да овозможи подобри исходи од тие политики – вели професорот.

Фискалната консолидација која отпочна уште во 2017 година, продолжи и во 2019 година. Тоа овозможи јавниот долг да се стабилизира, а буџетскиот дефицит да се одржува на разумно ниво. Во такви услови, растот немаше особен фискален стимул, а сепак испорачаниот раст (кој за вкупната 2019 се очекува на ниво од околу 3,6%) може да се смета за задоволителен во тековниот контекст, оценува професорот Петрески.

Како еден од економските неуспеси на Владата тој го потенцира тоа што Владата не успела да ја дефинира долгорочната економска визија, односно да даде одговор на прашањето кој е економскиот модел и каде ние како општество – главно мерено според нашиот животен стандард – ќе бидеме по 5, 10, 15 години од денес.

– И покрај тоа што во неколку наврати се ветуваше „економска година“, тоа не се случи. Секако, тоа не значи дека ресорите кои покриваат економија не работеле за да испорачаат резултати, меѓутоа се стекна впечаток дека фокусот на владата во целина е евроинтеграцијата, а не економскиот раст. Притоа, евроинтеграцијата е важна за економијата, меѓутоа економскиот модел на развој подразбира многу повеќе од евроинтеграцијата, и такво нешто, нам, како на општество, во моментот ни недостига – рече професорот.

Порастот на просечната плата од 372 евра во мај 2017 на 418 евра денес е добар, но е недоволен во однос на она што Владата си го зацрта како цел. Притоа, анализите покажуваат дека овој раст на просечната плата, кој е малку побрз од периодот пред 2017, е главно воден од пониските плати, што е резултат на порастот на минималната плата.

– Со други зборови, отсуствуваше она што Владата го нарекуваше спирала на плати, односно останатите плати многу малку се зголемија. Тоа го креираше проблемот на урамниловка, при што помалку продуктивните работници се изедначија во платите со попродуктивните. Отсуство на спирала на плати е за очекување, бидејќи во услови кога продуктивноста не се зголемува доволно брзо, и платите не може да растат доволно брзо – вели Петрески.

Тој додава дека концептот исилено поттикнување на платите треба да биде реобмислен, и наместо тоа политиките да се насочат кон тоа што ја одредува продуктивноста на работната сила. Во таа смисла, би можело да се зборува за политиките во областа на образованието и здравството.

Владата не успеа да направи стабилна рамка за извршување на капиталните инвестиции. Ова прашање се провлекува во последните 10-тина години и таму не е направен напредок, ниту е покажана некаква волја за реформирање на процесот на планирање на капиталните расходи.

Освен планирањето, кое мора да вклучи среднорочна рамка, особено се важни две други работи: прво, идентификување на клучните пречки од техничка природа кои оневозможуваат капиталните инвестиции да се реализираат со предвидената динамика, и второ, оценка на ефектите од капиталните инвестиции врз економијата.

– Ние сме мала и сиромашна земја и мора да имаме план што и кога финансираме, односно да даваме приоритет на државни инвестиции кои имаат најголем мултипликативен ефект врз економијата. Оттука, фактот дека владата не покажа никаква намера за реформирање на целиот процес сврзан со капиталните инвестиции, според мене е значајно економско потфрлање, кое всушност ќе се провлекува и идната 2020, а веројатно и понатаму – заклучи професорот Петрески.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот