Петмина кандидати за шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Русковска оди на втор мандат

Вилма Русковска, јавен обвинител/Фото: Слободен печат

На огласот за избор на шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје се пријавиле петмина кандидати, потврди претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски.

Јолевски појасни дека утре Советот ќе одржи седница на која треба да донесе одлука за формирање на Комисија што ќе го спроведе изборот, кој треба да се одржи на 7 ноември.

Суспендираната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, минатата недела рече дека поднела кандидатура за нов мандат, а дел од медиумите веќе објавија дека за оваа функција се пријавиле и обвинителката Енѓелуше Кадриу Леши од ОЈО за организиран криминал, Деса Пауноска и Ислам Абази од Вишото обвинителство – Гостивар и Ермон Незири од скопското Обвинителство.

Ова е прв ваков избор на шеф на ОЈО ГОКК по измените на Законот за јавни обвинители, каде согласно член 66, основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите јавни обвинители во државата.

Јолевски вели дека на 7 ноември обвинителите ќе гласаат, по што се доставуваат резултатите, а Советот во рок од седум дена по гласањето треба да одржи седница на која ќе донесе одлука за именување на јавниот обвинител што добил најмногу гласови од листата на пријавени кандидати.

Мандатот на суспендираната шефица на ОЈО ГОКК Русковска трае до 14 ноември, а за нејзина времена замена на 29 август беше назначен обвинителот Трајче Пеливанов.

Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се избира за време од четири години од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот