Петар Андоновски: Наградата не е само авторски успех, туку е успех за целата книжевност

Добитник на Европската награда за литература од Македонија за 2020 година е писателот Петар Андоновски за романот „Страв од варвари“, издание на „Или-или“.

Покрај лауреатот Петар Андоновски, во конкуренција за наградата годинава беа уште тројца македонски писатели – Давор Стојановски со „Утеха за голите“, Ѓорѓи Крстевски со „Другата страна“ и Михајло Свидерски со „Последните денови на Ханс“. Во потесниот избор за 2020 година биле 47 автори од 13 европски земји, а наградата им е доделена на 13 писатели.

Со романот „Телото во кое треба да се живее“ Андоновски во 2016 година беше добитник на наградата Роман на годината на „Утрински весник“ во национални рамки. Со „Страв од варвари“ (Или-или, 2018) направи уште еден голем чекор понатаму.

– Наградите нема да нѐ направат подобри писатели, но нѐ прават повидливи. Тие распродаваат тиражи и отвораат врати. Наградите, како Европската награда за литература, се особено важни за нас, кои пишуваме на таканаречени „мали јазици“. Тие се важна референца за странските издавачи. Самата награда со себе носи голем број преводи, а за еден автор нема поголем успех од тоа доколку неговата книга допре до што повеќе читатели – изјави Андоновски за „Културен печат“.

Наградите нема да нѐ направат подобри писатели, но нѐ прават повидливи (Фотографија: Наташа Атанасова)

Романот „Страв од варвари“ беше промовиран во 2018 година. Книжевната критичарка Лидија Капушевска Дракулевска во предговорот напиша дека „во романот наизменично се испреплетени два наративни тека на два женски гласа: Русинката Оксана и Гркинката Пенелопи… Андоновски мошне уверливо ги портретира психолошките профили на двата носечки женски ликови преку сопствената автоперцепција, а преку нивната визура, пак, ги слика и портретите на цела плејада други ликови што упаѓаат во орбитите на нивните животи некогаш и сега. Сите ликови се, на еден или на друг начин, нереализирани во животот, своевидни аутсајдери, со изневерени надежи и неостварени копнежи“. Ликовите во романот се изневерени и неостварени, но авторот на романот успеа да оствари повеќе свои надежи.

– Зад себе имам три романи и две значајни награди. Во септември треба да излезе мојот четврт роман. Во меѓувреме ме очекуваат многу преводи, гостувања и, пред сѐ, дружби со моите читатели. Што повеќе треба човек да посака!? – вели Андоновски.

Досегашни добитници на Европската награда за литература од Македонија се Гоце Смилевски за романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ (2010), Лидија Димковска за „Резервен живот“ (2013) и Ненад Јолдески за „Секој со своето езеро“ (2016). Низата ја продолжи Петар Андоновски.

– Европската награда не е само мој успех, ова е, пред сѐ, успех за целата книжевност. Сѐ што очекувам е дека ова нема да биде само моја лична промоција во Европа, туку дека ќе успеам да предизвикам поголем интерес за македонската книжевност и култура. Иако ние немаме некоја долга културна традиција, слободно можам да кажам дека по ништо не заостануваме зад многу поразвиени култури – потенцира лауреатот.

Петар Андоновски (1987, Куманово) е автор на: „Ментален простор“ (поезија, 2008), „Очи со боја на чевли“ (роман, 2013), „Телото во кое треба да се живее“ (роман, 2015) и „Страв од варвари“ (роман, 2018).

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 32, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 23-25 мај 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот