Прес-конференција за „Класика меѓународен фестивал Струмица“

Пет концерти на камерна музика ќе бидат изведени на петтото издание на „Класика меѓународен фестивал Струмица“

Во период од десет дена со пет концертни изведби од 1 до 10 јуни ќе се одржи петтото издание на „Класика меѓународен фестивал Струмица“. Фестивалот беше најавен со прес-конференција во Скопје.

Програмата на фестивалот на прес-конференцијата во Скопје ја најавија Влатко Митев, претседател на фестивалскиот совет, проф. м-р Васил Атанасов, селектор на фестивалска програма, како и учесници во програмата.

Меѓународниот фестивал на камерна музика во Струмица полека го потврдува своето високо уметничко реноме. Досега настапувале врвни македонски камерни состави, но и гости од Србија, Грција, Бугарија, Хрватска, Словенија, Чешка, а годинава се планирани настапи на гости од Русија и Австрија.

– Особено ме радува што годинава успеавме да направиме одлична програма со врвни гости уметници од Македонија и од странство – истакна проф. м-р Васил Атанасов, селектор на програмата.

Фестивалската програма ќе биде отворена на 1 јуни, во 20 часот, со концерт на дуо „Дармар“, составено од Дарко Багески – гитара (Македонија) и Марко Хатлак – хармоника (Словенија). Концертот ќе се одржи во фоајето на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица.

– Програмата на концертот ќе биде шаренолика. Ќе има композиции од Ј.С. Бах и Хендл, преку танго од Пјацола и Жорж Бизе до македонски традиционални композиции. Програмата е спој на јужноамериканска со македонска традиционална и класична барокна музика. Спојувањето на звукот на хармониката и гитарата не е секојдневно во денешно време. Со Марко се познаваме од студиските денови на музичката академија „Франц Лист“ во Вајмар, каде заедно дипломиравме. Повеќе години имавме желба да настапиме заедно и таа ќе се оствари на фестивалот во Струмица – истакна гитаристот Дарко Багески.

Вториот концерт на фестивалот ќе се одржи на 3 јуни, кога ќе настапи клавирското трио „Syrinx“ од Србија. Во составот на триото настапуваат Ангелина Егериќ на флејта, Филип Томиќ на виолончело и Немања Егериќ на пијано. Концертот ќе се одржи во фоајето на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица.

Следниот концерт е планиран на 7 јуни, кога ќе настапи женскиот камерен хор „Керамија“ од Прилеп (Македонија). Диригент е маестра Катерина Попоска. Концертот ќе се одржи во црковниот храм „Св. Петнаесет Великомаченици“ во Струмица. Струмичката епархија е меѓу поддржувачите на фестивалот.

На 8 јуни во фоајето на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица ќе настапи клавирското трио „Алтус НЗ“ (Македонија). Програмата на концертот ја најави Паскал Краповски, виолончелист, а на концертот ќе настапат и Гонца Богоромова (сопран) и Маријана Николовска (пијано).

– Ќе изведеме калеидоскопна програма која ќе опфати неколку сегменти. Првата и најбитна работа е вниманието кон македонската музика и авторство, кои ни даваат за право да ја заштитиме со тоа што ја изведуваме и популаризираме – истакна Паскал Краповски.

Пијанистката Маријана Николовска дополни дека клавирското трио е дел од камерниот ансамбл „Алтус“, кој брои девет членови, а во Струмица ќе настапи со скратен состав.

Последниот концерт на фестивалот ќе се одржи на 10 јуни во фоајето на НУЦК „Антон Панов“, каде ќе настапи дуо хармоники „Two Bellows“. Дуото настапува во состав Ана Коловска (Русија / Австрија) и Александар Коловски (Македонија / Австрија). „Класика меѓународен фестивал Струмица“ е поддржан од Министерството за култура и туризам, од Општина Струмица и од други помагатели.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот