Пет години од убиството на новинарката на Малта, се случи пресврт на судењето

Брутално убиената новинарка Дафне Каруана Галиција/Фото: EPA-EFE/HAYOUNG JEON

Со протести на Малта се одбележаа пет години од убиството на антикорупциската новинарка Дафне Каруана Галиција со автомобил бомба, два дена откако двајца браќа го признаа убиството и добија 40-годишни затворски казни. Многумина од учесниците на протестот носеа фотографии од Каруана Галиција и знамето на Малта. Тие скандираа: „Дафне беше во право“ и „Сакаме целосна правда“.

Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, која потекнува од Малта, положи цвеќе на местото на експлозијата во близина на домот на Каруана Галиција во друштво на сопругот на Дафне, нејзините три сина и Марија Фалконе, сестрата на италијанскиот судија против мафијата Џовани Фалконе, која беше убиен од автомобил-бомба во 1992 години.

Мецола вети дека ќе продолжи да го поддржува независното новинарство. Таа рече дека Каруана Галиција е „жена од челик, затоа што била принципиелна жена, жена која може да разликува добро од погрешно“.

„Ние имаме одговорност да работиме за вредностите за кои таа толку напорно работеше. Тоа е одговорност и на државата Малта“, додаде таа. Независната јавна истрага за убиството утврди дека државата е одговорна за создавање култура на неказнивост.

Пресврт во судењето

Владините претставници не беа присутни на протестите, но премиерот Роберт Абела претходно изјави дека смртта на Каруана Галиција е мрачна епизода „од која мораме да научиме“. Тој рече дека Владата е решена да обезбеди правдата да биде задоволена во целост.

Браќата Алфред и Џорџ Деџорџо првично се изјаснија за невини, но по долга пауза, нивните адвокати изјавија дека се согласиле да ја признаат вината во замена за полесна казна. Во изненадувачкиот пресврт на првиот ден од судењето, Алфред и Џорџ Деџорџо во петокот се изјаснија за виновни за убиство и беа осудени на по 40 години затвор.

Адвокатот на двајцата браќа рече дека мажите барале помилување во замена за откривање на „сè што знаеле за други убиства, бомби и злосторства“. Во 2021 година, соучесникот Винсент Мускат ја призна својата улога во смртта на Дафне во замена за информации и отслужува петнаесетгодишна затворска казна.

Сопственикот на контроверзна компанија е осомничен дека е мозок на акцијата

Бизнисменот Јорген Фенех, за кој се верува дека е организаторот на убиството, е обвинет за соучесништво во убиството и го чека судењето. Тој се изјасни за невин. Фенех ја предводеше компанијата која контроверзно го доби владиниот договор за изградба на нова електрана во 2014 година.

Каруана Галиција откри дека постои компанија која требало да извлекува средства преку фирми регистрирани во Панама, а кои припаѓале на тогашниот министер за енергетика Конрад Мици и шефот на владината канцеларија Кит Чембра.

Не беа презентирани докази дека парите менувале раце. Истрагата на Ројтерс по нејзината смрт откри дека компанијата 17 Блек му припаѓа на Фенех. Апсењето на Фенех во ноември 2019 година доведе до оставка на Шембри и премиерот Џозеф Мускат. И двајцата негираат вмешаност во смртта на новинарката и се уште не се кривично гонети.

Каруана Галиција (53) била позната истражувачка новинарка во Малта. Нејзиното убиство на 16 октомври 2017 година го отвори прашањето за владеењето на правото во најмалата земја членка на Европската унија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот