Александра Јуруковска и Ѓоко Здравески

Песните во стихозбирката „Небо трето“ за Ѓоко Здравески се соочување со себеси

Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје на 3 декември се одржа разговор со поетот Ѓоко Здравески. Неговата најнова стихозбирка „Небо трето“ е книга на месецот во ГБСК и дел од четвртиот циклус на големата кампања „Читаме современи македонски автори“.

Стихозбирката „Небо трето“ во издание на „Бегемот“ е интересен спој на духовноста, спиритуалноста, медитацијата и молитвата низ автентични стихови. Разговорот со Здравески го водеше книжевната критичарка Александра Јуруковска, а стихови интерпретираше актерот Андреј Серафимовски.

– Песните во „Небо трето“ се исцелување. Соочување со себеси, но и со другите, што е особено тешко. Во основата на моето пишување е синкретизмот, сѐ што сум прочитал, знам, или сум доживеал, сето тоа излегува и низ песните. Притоа, од суштинско значење е ‘техне’ – знаењето, а потоа се гради целината. Во однос на јазикот ме интересира изворот, погледот назад, од каде доаѓаат нештата. Кога тоа го знам, полесно доаѓам до исходот – подвлече поетот Ѓоко Здравески во разговорот во ГБСК.

Ѓоко Здравески (1985, Скопје) дипломирал и магистрирал на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Работел како лектор по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Ниш и на ИНАЛКО во Париз, како уредник во издавачките куќи „Бегемот“ и „Темплум“, како библиотекар на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет во Скопје, а како уредник соработувал и со интернет-порталите „Репер“, „Блесок“ и „Окно“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 310, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-8.12.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот