Пенов пред промоција во нов министер за локална самоуправа?

Ристо Пенов/Скриншот/YouTube

Од партијата велат дека се очекува нивниот поранешен претседател да го прифати предизвикот и повторно политички да се активира.

Речиси е извесно дека Ристо Пенов ќе биде понудата на ЛДП за нов министер за локална самоуправа, откако минатата недела актуелниот министер и претседател на партијата Горан Милевски ја достави до премиерот Димитар Ковачевски својата оставка од функцијата. Одлуката поранешниот скопски градоначалник да седне во министерската фотелја се очекува партијата да ја официјализира деновиве, по што до крајот на неделава предлогот за новиот министер ќе биде доставен до премиерот.

Поради отсуството на премиерот од земјава во изминатите неколку денови, се очекува неделава Ковачевски да ја испрати оставката до Собранието, кое на првата наредна седница треба само да констатира дека Милевски повеќе не е министер. Парламентот оставката на Милевски најверојатно ќе ја констатира на редовна пленарна седница кон почетокот на октомври, бидејќи в четврток е закажана седницата за пратенички прашања. Можно е на седницата на која ќе биде констатирана оставката на министерот, да биде разгледуван и предлогот за избор на нов министер за локална самоуправа. Засега нема потврда дали Милевски ќе го искористи правото да се обрати пред пратениците за да ја образложи оставката. Претседателот на Собранието Талат Џафери уште нема закажано собраниска седница во октомври.

Од ЛДП велат дека се очекува Пенов да го прифати предизвикот и повторно политички да се активира.

„Може уште денеска или утре да се знае новиот предлог за министер за локална самоуправа. Се чека Пенов да се изјасни дали ја прифаќа понудата и до крајот на неделава предлогот да биде испратен до кабинетот на премиерот“, велат извори од ЛДП.

Од поранешниот скопски градоначалник не успеавме да добиеме потврда дали ќе биде новиот министер во Владата на Ковачевски.

И покрај информациите дека по оставката на Милевски можна е мини-реконструкција на Владата, функционери од власта за „Слободен печат“ велат дека други смени на министри ќе нема.

Дилемата дали освен Милевски и уште некој министер ќе се збогува од функцијата ја подгреа потпретседателот на СДСМ Перо Костадинов во гостување на ТВ24. Тој прво најави мини-реконструкција, па рече дека сега само ќе има нов министер на местото на Милевски.

Милевски минатата недела изјави дека повлекувањето од министерската позиција е поради лични причини, односно замореност и заситеност од функцијата.
Милевски стана министер во Владата на Зоран Заев во јуни 2019 година и остана дел од министерскиот тим на Ковачевски. Оставката на Милевски е прва промена во кабинетот на Ковачевски по осум месеци владеење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот