Пендаровски од Давос: Демократијата мора да надвладее над автократијата

Пендаровски во Давос/Фото: Кабинет на ПРСМ

Не сум загрижен дека трансатлантското и паневропското единство и солидарност ќе го имаме и годинава, но се прашувам дали ќе се задржи и кога војната во Украина ќе заврши, а тоа е клучно за да надвладее демократијата над автократијата, истакна претседателот Стево Пендаровски на денешната панел сесија „Во одбрана на Европа”, што се одржува во рамките на Светскиот економски форум во Давос.

– Сакаме војната да заврши уште денеска, но логиката на државите и на националните интереси како што е веќе со векови, е првенствено да се грижите за сопствениот двор. Ако повторно им даваме приоритет на националните интереси на државите, тогаш ова единство и солидарност ќе го снема, рече Пендаровски.

Затоа, според него, неопходно и клучно е кога ќе заврши војната во Украина да се задржи трансатлантската солидарност, бидејќи како што се гледа низ светот дури и кај некои од најголемите држави, во пораст се авторитарните тенденции.

– Ако демократиите не се држат и останат заедно, почитувајќи исти вредности и борејќи се за нив понекогаш и буквално, тогаш автократиите ќе превладеат. Видовме минатата година кога почна војната во Украина и претходно во Белорусија дека основната дилема и битка е меѓу демократијата или автократијата, односно диктатура како што е денес во Русија. Затоа мора да имаме целосно единство и солидарност и по војната во Украина. Тоа е неопходно за да имаме подобар свет, порача Пендаровски.

Покрај шефот на македонската држава, на сесијата „Во одбрана на Европа”, учествуваат и претседателите на Полска Анджеј Дуда и на Литванија Гитанас Науседа, министерот за надворешни работи, ЕУ и соработка на Шпанија Хозе Мануел Алваерез Буено и лидерка на Демократските сили на Белорусија Светлана Тихановскаја

Во рамки на форумот во Давос, претседателот Пендаровски ќе учествува и на сесијата „Дипломатски дијалог за Западен Балкан”, а ќе има и повеќе билатерални средби со учесници на форумот.

Годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос, насловен „Соработка во фрагментиран свет” се одржува од 16 до 20 јануари 2023 година, а учествуваат лидери од политиката, бизнисот и граѓанското општество кои ќе дебатираат за состојбата во светот и за приоритетите за годината што претстои.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот