Пендаровски нема да поддржи еднострано укинување на пржинската влада!

Свеченост по повод 8 Септември - Денот на независноста/ Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Во владината програма за работа за периодот 2020-2024 година е наведено дека „Владата ќе предложи укинување на т.н. пржинска влада, која покажа бројни слабости, го блокираше еден дел од државниот апарат во период на најголема светска криза и беше злоупотребен“.

Претседателот Стево Пендаровски нема да поддржи еднострано укинување на техничката влада, без согласност на опозицијата. Според него, за да се промени моделот по кој се одржуваат парламентарните избори во последните два циклуса, мора да има општ политички консензус, во духот на европските практики, а тој не би се осмелил на унилатерално бришење на техничката влада.

Оваа тема се наметна по договорот помеѓу СДСМ и ДУИ за владина коалиција, кога лидерот на СДСМ Зоран Заев соопшти дека со лидерот на ДУИ Али Ахмети се договориле да се укине пржинската влада. Тој договор потоа се најде и во владината програма за работа за периодот 2020-2024 година, каде што е наведено дека „Владата ќе предложи укинување на т.н. пржинска влада, која покажа бројни слабости, го блокираше еден дел од државниот апарат во период на најголема светска криза и беше злоупотребен“. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веднаш се изјасни дека е против, затоа што нема доверба дека СДСМ е подготвена да организира фер избори и затоа што тоа не смее да се менува без консултација со опозицијата и со меѓународниот фактор, кој беше гарант на тој модел.

Освен за укинување на техничката влада, Заев соопшти и дека ќе се повлече од премиерската функција на 100 дена пред изборите и ќе го замени Албанец што ќе го предложи ДУИ, со цел партиите растоварени да влезат во изборниот процес без партиски лидери на премиерското место, но и за да возврати на доблеста на Ахмети што се откажал од идејата за прв Албанец премиер.

Пендаровски не кажува дали би ставил вето

„Слободен печат“ го праша претседателот дали ќе ги потпише измените на Законот за влада, со кои се укинува техничката влада без согласност од опозицијата, доколку дојде до тоа, но тој не одговори директно.

– Во духот на европските практики, претседателот Пендаровски се залага за постоење консензус меѓу власта и опозицијата за измени на изборното законодавство, како и одредбите за т.н. техничка влада. Долгорочна препорака на ОБСЕ/ОДИХР е каква било измена на изборното законодавство да се врши најмалку шест месеци пред изборите и да биде донесена со консензус помеѓу власта и опозицијата, со цел сите учесници да имаат доверба во изборниот процес.

Специјалната изборна оценувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР, која ги набљудуваше предвремените парламентарни избори на 15 јули, ја наведе оваа препорака во својот прелиминарен извештај. Истата препорака беше потврдена и на средбата што претседателот Пендаровски ја имаше со шефот на Мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Клеменс Која – одговорија од Кабинетот на Пендаровски.

Оттаму не објаснија како ќе се постави шефот на државата ако Заев отстапи од функцијата на 100 дена пред изборите, затоа што неговата оставка ќе значи и оставка на целата влада, а единствен начин да има премиер Албанец е само со техничка влада што ќе ја изгласа Собранието.

Минатата седмица Пендаровски рече дека е против еднострано укинување на техничката влада.

– Јас како партија на власт, ако ме прашувате, не би се осмелил да одам во унилатерално менување или бришење на техничката влада сѐ додека опозицијата нема верба дека ти на власт ќе направиш фер и демократски избори, сосема небитно што вели ОБСЕ/ОДИХР – изјави Пендаровски за Канал 5.

Според него, би требало да се размисли да се задржи концептот на техничка влада и да се унапреди по примерот на други држави.

– Техничка влада има во држави со голема демократска традиција, но таму е целосна техничка влада. Кај нас е само во четири-пет ресори. Грција, на пример, има влада што во последните месец-два е само со бирократи во сите ресори. Јас дури би одел и кон комплетна техничка влада, сите 15-20 ресори да бидат административци за кои ќе се согласиме кои ќе бидат – рече Пендаровски.

ВМРО-ДПМНЕ е против

ВМРО-ДПМНЕ, која пред избори сметаше дека техниката влада е неефикасна и треба да се укине, сега е против, но и натаму смета дека техничката влада во ваков облик и форма е нефункционална.

– Техничката влада создава проблем со функционалноста и е мотив повеќе политичките партии и од власта и опозицијата да донесат решение чијашто задача ќе биде само спроведување фер и демократски избори. Ако со ваква техничка влада ни се случи ваков масовен поткуп, тогаш можеме да замислиме што би се случило на следните парламентарни избори со полна влада на Заев и Ахмети – вели Дафина Стојаноска, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Договор што го „израмнува“ теренот за демократски натпревар

Формирањето техничка влада на 100 дена пред парламентарните избори која ќе гарантира фер и демократско гласање е резултат на Пржинскиот договор од јуни 2015 година што го потпишаа четворицата партиски лидери, Зоран Заев, Али Ахмети, Никола Груевски и Мендух Тачи, по долги преговори што ги потпомагаа евроамбасадорот Аиво Орав, еворокомесарот Јоханес Хан и амбасадорот на САД, Џес Бејли. Според тој договор, во пет министерства влегуваат технички министри и заменици министри од опозицијата, а техничкиот премиер го предлага власта.

Првата техничка влада на чело со Емил Димитриев наместо три месеци, остана да владее година и пол затоа што тогашните избори двапати беа одложувани и се одржаа во декември 2016 година. Втората техничката влада на чело со Оливер Спасовски се формираше во јануари годинава и исто така имаше продолжен мандат поради вонредната состојба што беше прогласена поради корона-кризата, а изборите наместо во април се одржаа во јули.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот