Пендаровски до петок ќе го додели мандатот за нова Влада

Претседателот Стево Пендаровски до петок, кога истекува десетдневниот рок, ќе го додели мандатот за составување на нова влада на оној кој ќе има мнозинство.

Претседателот Стево Пендаровски до петок, кога истекува десетдневниот рок, ќе го додели мандатот за составување на нова влада на оној кој ќе има мнозинство. Шефот на државата, како што соопштуваат од неговиот кабинет се консултирал со еминентни експерти, при што заклучил дека Собранието е конституирано на 4 август и оти оттогаш течат уставните рокови за доделување на мандатот.

-Претседателот се консултираше со еминентни правни имиња и заклучокот беше јасен: За да се смета дека Собранието е конституирано, потребна е верификација на мандатите на пратениците, а не нечиј избор. Претседателот Пендаровски, иако ги разбира мотивите на претседавачот Џафери, останува на неговиот став кој впрочем го потврдува и политичката практика во сите изминати години кога на власт биле различни политички опции, се вели во реакцијата на кабинетот на претседателот на државата.

Реакцијата се однесува на ставовите кои ги изнесе досегашниот претседател на Собранието Талат Џафери, кој за ТВ 21 рече дека доколку претседателот Пендаровски го додели мандатот за формирање на Влада, без притоа да биде избран новиот собраниски спикер, тогаш неговиот чекор би бил противуставен.

-Неуставно е доделување мандат без да има претседател на Собрание кој ќе ги стави во функција другите рокови кои треба да ги следи Собранието, бидејќи на законодавниот дом роковите му започнуваат од моментот кога ќе го добие известувањето од шефот на државата дека мандатот е доверен. Неовластен човек не може да ги информира пратениците, истакна Џафери синоќа во интервју за емисијата „10 минути” на ТВ 21

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот