Пелистер во финишот до триумф над Работнички во Супер лигата
Кошаркарите на Пелистер имаа проблеми да го совладаат видно изменетиот и ослабен состав на Работнички (88:85) во рамките од 12. коло во МТЕЛ Супер лигата.
Препорачано
На истекот на првото полувреме битолчани имаа водство од 47:44. Во продолжението на натпреварот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, сличен развој на играта. Домаќините имаа постојано водство, а највисоката позитива со која се стекнаа беше шест поени (53:47), кога се играше 23. минута.
Но упорните гости успеаја да ја поништат, дојдоа и до „егал скор“. По тројката на Ефремовски беше нерешено, (60:60), момент од 27. минута. До крајот на овој период од играта, „зелено-белите“ повторно се одвоија, имаа солидни 71:65. На почетокот на последниот период, по тројката на Митревски се стекнаа со највисоките 74:65.
Работнички не се предаде, напротив, постојано притискаше, како и во претходните три четвртини од натпреварот. На неполни четири минути пред крајот, заостануваа само „половина кош“ (79:80). Нешто подоцна, по поените на Наков стигнаа до 81:82. Сепак, потегот на вечерта го имаше Никола Малешевиќ, кој на нешто повеќе од една минута до крајот, погоди за три поени, и на Пелистер му обезбеди недостижни 87:83. Наредните два обиди (за три поени) на Ефремовски беа неуспешни па бодовите останаа во Битола.
Во домашната екипа, која сега е на ефект (8-4), Дејвис реализираше 25 поени и девет скока. Малешевиќ дојде до учинок од 21 поен, пет скока и четири асистенции. Новото име во редовите на „црвено-белите“ Лука Петровски имаше 19 поени и пет скока, додека Робев застана на 17 поени и седум асистенции.
МТЕЛ СУПЕР ЛИГА-МАЖИ
12 коло
Пелистер – Работнички 88:85
Маџари – МЗТ Скопје Аеродром 76:87
Ангели – Феникс 2010 60:99
Тиквеш Голден Игл – Гостивар 81:73
МКК Куманово – Чаир 2030 (прекин)
26. ЈАНУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК)
16.00: ТФТ – Кожув
Сала „Наум Наумовски-Борче“ – Скопје
ТАБЕЛА
1. МЗТ Скопје А. 12 11 1 909:772 22
2. ТФТ 11 10 1 894:765 21
3. Пелистер 12 8 4 1095:954 20
4. МКК Куманово 11 7 4 925:857 18
5. Кожув 11 7 4 895:880 18
6. Маџари 12 6 6 978:963 18
7. Работнички 12 5 7 983:991 17
8. Феникс 2010 12 5 7 918:928 17
9. Тиквеш ГИ 12 4 8 948:986 16
10. Чаир 2030 11 4 7 870:931 15
11. Гостивар 12 2 10 859:982 14
12. Ангели 12 1 11 779:1043 13


