Педесет години „Тајнопис“ на Анте Поповски ќе бидат одбележани во „Јуроп хаус“ во Струга
Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“, во соработка со „Јуроп хаус“ – Струга, на 17 август 2025 година, организира поетска вечер во чест на македонскиот поетски великан Анте Поповски – јубилејни 50 години од објавувањето на стихозбирката „Тајнопис“.
Препорачано
На настанот ќе читаат поети и поетеси од повеќе генерации од локалниот регион Охрид, Струга и Вевчани, а ќе бидат емитувани и видео и аудио-записи од Анте Поповски.
Настанот ќе биде отворен со поздравна беседа од македонскиот поет и преведувач Славе Ѓорѓо Димоски, а модераторки ќе бидат младите поетеси Емануела Ковачевска Китановска и Светла Јакшиќ.
Анте Поповски (1931-2003) е македонски поет, есеист, препејувач, публицист, еден од најистакнатите македонски поети од втората повоена генерација. Неговото творештво ги бележи знаменитите поетски наслови: „Одблесоци“ (1955), „Вардар“ (1958), „Тајнопис“ (1975), „Ненасловена“ (1988), поемата „Света песна“ (2001), култната стихозбирка „Две тишини“ (2003), како и книгата „Глас од дамнината“ (1986), збирките есеи „Помеѓу животот и знаците“ (1991) и „Окото, светлините“ (1996).
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 294, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17.8.2025)


