Педесет години хип-хоп ќе бидат одбележени со промоција на меѓународното научно списание „Балкански хип-хоп студии“

Покана за промоцијата на списанието во Домот на културата „Кочо Рацин“

Во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје на 6 декември, со почеток од 18 часот, ќе бидат промовирани првите два броја од меѓународното научно списание „Балкански хип-хоп студии“. Во него се објавени и се објавуваат прилози коишто можат да се однесуваат на музиката, културолошките студии, лингвистиката, литературата, уметноста, танцот, историјата, социолингвистиката, социологијата, филозофијата, перформативните уметности, педагогијата итн.

Вклучувањето на сите овие научни полиња е со цел хип-хопот, слемот, афроамериканската и урбаната култура да бидат претставени од различни аспекти и гледишта.

Списанието е плод на долгогодишните активности на организацијата „Хип-Хоп Македонија“ за промоција, афирмација и унапредување на хип-хопот и урбаната култура, а се појавува по повод чествувањето на 50 години од појавата на хип-хопот.

Редакцијата ја сочинуваат главниот уредник Славчо Ковилоски и уредниците Јулијана Папазова, Елена Пренџова и Александар Ковилоски, коишто ќе бидат и промотори на списанието.

Ова списание е прво и засега единствено од ваков вид во Македонија и на Балканот и во него учество земаат еминентни професори од Универзитетите во Љубљана, Сараево, Софија, Крагуевац, Риека и Братислава: Мојца Кревел, Гергор Помпе, Сребренка Мачковиќ, Венцислав Димов, Јелена Арсенијевиќ Митриќ, Татјана Вукелиќ и Звонко Танески, како и македонските професори Антоанела Петковска и Ристо Солунчев од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Како надворешни соработници се јавуваат повеќе познати македонски хип-хоп музичари: Диџеј Гоце (САФ), Тони Зен, Кацар и Диџеј Бугимен, како и Стефан Марковски и Биљана Миловановиќ Живак. Автори на текстовите во двата броја се членовите на редакцијата, потоа Сузи Тенева, Дејан Методијески, Татјана Вукелиќ, Вангел Ноневски, Ристо Солунчев и Виолета Дамческа. Списанието може да се најде во печатена форма и онлајн, на веб-страницата www.balkanhhs.com.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот