Павлески: Странските и домашните компании се подеднакво важни, да го поттикнеме извозот и брендирањето

Фото: mia.mk

Сакаме соработка меѓу странските и домашните компании, да го поттикнеме извозот и да го нагласиме брендирањето на производите како многу битно за присуството на странските пазари, изјави директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Дејан Павлески при денешната посета на компаниите „Гурмано” од Кривогаштани и прехранбената индустрија „Витаминка” од Прилеп.

– Целта е да се запознаеме со активностите на компаниите, како се одвиваат производствените процеси, но многу ни е важно како се одвива извозот, кој ни е исклучително важен сегмент за развојот на македонската економија. Ова се две важни компании, особено „Витаминка” која е мотор на развојот на економијата во Пелагонискиот регион. За нас е исклучително важно нивното добро функционирање. Агенцијата и Владата ја поддржуваат „Витаминка“, се надевам во иднина и „Гурмано”, зашто нивните идеи се многу да се развиваат во наредниот период, да освојуваат нови пазари, изјави Павлески.

Бренирањето, како што рече, е исклучително важно за додавање нова вредност.

– Може да кажам дека оваа година не е лоша за странските инвестиции, имајќи ја предвид пандемијата. Информациите се дека имаме инвестиции, особено реинвестиции, што нѐ радува и се надеваме дека наредната година ќе биде поуспешна. Според официјалните податоци и според Народна банка, до шести месец годинава имавме околу 120 милиона евра директни странски инвестиции. Според Законот за финансиска поддршка на инвестициите, за состојбата во 2019 година, Владата ќе исплати субвенции за над 100 милина евра, претежно, домашни инвестиции. Со тоа и со оглед на ситуацијата годинава, може да кажеме дека сме задоволни. Нам подеднакво ни се битни како странските, така и домашните инвестиции, соработката помеѓу странските и домашните компании.  Многу ќе ни значи таа соработка и поттикнувањето на брендирањето, рече Павлевски.

Како што објасни Сашо Наумоски, директор на прилепска „Витаминка”, извозот за 2021 година го планираат со резерва.

– Поради пандемијата е неблагодарно да се планира 2021 година. Искрено се надевам дека јануари ќе биде месец на „прекршување” на пандемијата. Се очекува и вакцината. Плановите, нормално, ги правиме со пораст, како и секоја година. Предвидувавме 10 процентен пораст, но предвидувањата се помалку песимистички, но сепак оптимистички се надеваме на наредната година, рече Наумоски.

Нагласи дека е апсолутно потребна поддршката од државата.

– Ние и досега ја имавме. Ова е втора година во која учествуваме во поддршката на Агенцијата за поддршка на извозот. Нагласивме дека е добро и странските инвестиции да се отворат за соработка со нас. Ги чувствуваме како наши компании, ни помагаат за вработените да почувствуваат што значи вистинско европско работење, за редот и за дисциплината. Задоволни сме од влезот на странските инвестиции за да падне притисокот и врз нас, македонските компании. Искрено, посакувам да имаме и подобра соработка. Да отворат и да најдат супститут на увозните суровини и репроматеријали и да побараат од нашите, македонски, капацитети, изјави Наумоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот