Пауновски ќе биде разрешен, Заев не трпи „пркос“!?

Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски влезе во отворен судир со владата и со премиерот Зоран Заев, зашто во институцијата со која раководи одбива да вработи неквалификувани ,,рамковни кадри” прераспределени од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Откако Пауновски јавно соопшти дека нема намера да ги вработи сите 35 административци, кои што му се доделени од Министерството за политички систем, премиерот Заев му порача „да не врши отпор“ и дека ќе побара тој да биде разрешен.

– Стојко Пауновски е мој личен пријател, но јас ќе барам од службите од Владата, од вицепремиерот Љупчо Николовски, доколку постои основа за негово разрешување, да биде покрената постапка за негово разрешување. Недозволиво е секој ден преку медиумите да водите полемики со потпретседателот на Владата, а сега гледам и со претседателот на Владата. Тоа е пркос кој не е дозволен. Во Владата има хиерархија, се знае како тоа треба да функциоонира – рече Заев.

Пауновски за „Слободен печат“ вели дека не му е јасно зошто премиерот Заев не го разбира, кога е вели дека нема да ги вработи оние што не се квалификувани за да ја работат таа работа.

– Изјавата на Заев не ја сфаќам како притисок, само сум малку разочаран што премиерот не ме разбира, иако пратив информација за состојбата во Пазарниот инспекторат. Побарав да ми одговори врз основа на кои критериуми со 247 веќе вработени лица, ни даваат најнесоодветни кадри. За 12 административци со Економски и Правен факултет, нема проблем, ќе ги примиме. Ама другите се со 180 кредити и можат да работат само обична администрација, зашто се детективи или со факултет за криминалистика од факултетот на Рамиз Мерко. Јас веќе имам вработени кои што во инспекторатот работат 10 години и не можам да ги унапредам зашто систематизацијата не го дозволува тоа, поради образованието и сега треба да примам кадар за кој што немаме потреба. Нас не ни треба администрација, туку луѓе за на терен, за во источна Македонија. Да ни дадат 20 инспектори за во источна Македонија, зашто немаме инспектори во Струмица, Кавадарци, Штип и Кочани – вели Пауновски за „Слободен печат“.

Тој додава дека, додека не му испратат посебен список со 12 административци, нема да вработи ниту еден од тие 35 , кои што му се „натовурени“ на Инспекторатот.

– Нека ги земе некоја друга институција, каде што ќе бидат соодветни според образованието. Велат дека тие сакале да работат во Пазарен инспекторат. И јас сакав да бидам пилот кога бев млад, ама не станав – вели Пауновски.

Изминатите години, додека Пауновски раководи со инспекторатот, направени се драстични позитивни промени во работењето. Бројот на инспектори се искачи на 180 за сметка на администрацијата која е околу 70 луѓе. Овој резултат, како што вели Пауновски, не сака да го расипе, дури и по цена да биде разрешен од директорското место.

Владата на четириесеттата седница го усвои планот за распределба на административните службеници преку програмата К5. Согласно планот, опфатени се вкупно 1.349 вработени по К5 програмата, програма за правична застапеност, кои се распределуваат на конкретни работни задачи во вкупно 237 институции. Од владата велат дека овие вработени ги исполнуваат соодветните услови кои се потребни за институциите и местата на кои се распределени.

„Целта на планот е вработените да бидат рарпоредени во друга институција од јавен сектор на соодветно место на исто ниво, односно на работно место за кое вработениот ги исполнува општите и посебните услови утврдени во актот за систематизацијата на работното место во институцијата во која се распоредува“, се вели во одговорот од владата, во кој се додава дека „сите институции се должни да ги почитуваат одлуките“.

Откако на почетокот од годинава, министерот за политички системи Артан Груби го објави планот за распределба на рамковните службеници, МВР, УЈП, Царина и државното правобранителство требаше да примат најголем дел од нив, меѓутоа во некои од овие институции сè уште не може да се изврши прераспределбата. На пример во МВР постојат стандардни процедури за безбедносни проверки кои одземаат подолго време. Според образованието, најголем дел од административците се економисти и правници, а меѓу нив има и кадар со средно образование.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот