Фото: Принтскрин

Партиски реакции за незаконското постапување на полицискиот началник од Демир Хисар

Незаконитото однесување на началникот на ОВР Демир Хисар – Роберт Мартиноски, каде се обидува противправно да лиши лице од слобода, само го докажува хаосот и непрофесионализмот кое владее во министерството на Тошковски. Сцените на нaсилничко однесување на началникот потсетува на времето кога полицијата на ДПМНЕ беше целосно инструментализирана под партиска директива и тепаше студенти по библиотеки, нагласува партијата Левица во својата реакција.

Партијата соопшти дека информациите кои ги добила за началникот Роберт Мартиноски „докажуваат дека се работи за непрофесионален кадар“, кој сега стана познат на целата јавност како извршител на партиски наредби.

-Имено, кариерата на Роберт Мартиноски започнува за време на владеењето на СДС, кога се вработува на позицијата помлад инспектор, бидејќи тогаш Мартиноски е активист на социјалдемократската власт. Како што се менува партијата на власт, така и актуелниот началник “ги менува партиските вредности”, па за време на владеењто на ДПМНЕ, истиот е унапреден во инспектор за општ криминал. Додека ја обавува оваа позиција, Мартиноски е суспендиран во своето работење поради барање рекет, за кога доаѓа Тошковски на чело на МВР, токму овој кадар да биде поставен за началник на ОВР Демир Хисар! Ова се скандалозните кадровски решенија на Панче Тошковски, кои сега спроведуваат безаконие и се обидуваат противправно да лишат од слобода лица по партиска наредба. Фактите за скандалот во Демир Хисар се јасни – началникот Мартиноски немал правен основ да лиши од слобода затоа што немало налог од суд, додека без налог од суд полицијата може да лиши од слобода во прецизно наведени случаи, кои не се исполнати во случајот со директорката од Демир Хисар – нагласуваат од Левица.

Партијата јавно го прашува министерот Панче Тошковски: зошто веднаш не е разрешен началникот на ОВР Демир Хисар и како министерот го унапреди во началник кадар кој претходно бил суспендиран од работа?!

-Наместо Панче Тошковски да го заташкува случајот со внатрешна контрола, Левица го повикува веднаш да го разреши началникот Роберт Мартиноски и против него да биде поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба. Ваквите опасни однесувања на власта, каде токму полицијата ги крши законите, не смеат да поминат – затоа што секој еден може да биде наредна жртва на самоволието на авторитарната власт – потенцира Левица.

Реакција на СДСМ

За случајот со незаконското приведување од страна на началникот на полицијата во Демир Хисар реагираше и опозициската СДСМ:

-Обвинителството вчера јасно потврди дека немало наредба ниту налог за приведување на директорката, бараме итно Обвинителството да покрене постапка за кривична одговорност на партискиот послушник – началникот Роберт Мартиновски, изјави на прес-конференција Трајче Стојчевски, претседател на СДММ – СДСМ.

Според Стојчевски скандалот со злоупотребата на полицијата за партиски цели во Демир Хисар јасно потврдува дека ВМРО-ДПМНЕ не бира средства за да ги заплашува граѓаните пред изборите

-Но, времето кога некој се плашеше од ваквиот кукавичлук на ДПМНЕ е одамна минато. Граѓаните масовно се спротивставија на ова насилство на полицијата и застанаа на страната на правдата во овој случај на полициска злоупотреба за партиски цели – реагира СДСМ.

За СДСМ началникот Мартиновски е „човек на Тошковски“, „поставен уште од првиот ден на неговото доаѓање на министерската функција“ и „ударната тупаница на ДПМНЕ за заплашување на граѓаните и малтретирање пред избори“.

-Обвинителството не смее да молчи – постапка мора да се покрене веднаш. Согласно законот, кривично мора да одговара Мартиновски, без никаква дилема! Понатаму, инспекторот Ѓорѓи Митревски, кој бил унапреден истиот ден кога се случил настанот, наместо да раководи со претресот, му дозволил на Мартиновски да го преземе водењето. Прашуваме – по чиј налог? Дали по налог на некој близок до Тошковски за да се врши терор? Што уште треба да се случи за Тошковски да понесе одговорност за распадот и злоупотребите што ги прави полицијата? Дали со тоа потврдува дека овој случај е под негов диктат? Дали ќе се огради директно од Мартиновски и ќе покрене кривична постапка против својот началник? Нели велеше дека „брат да му е’ ќе одговара? – прашуваат од СДСМ.

Опозициската партија бара началникот Мартиновски веднаш да биде разрешен, МВР да му поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластувањето, а Основното јавно обвинителство во Битола да реагира, да ги истражи сите аспекти на незаконското постапување на полицијата и кривично да ги гони сите инволвирани.

-Дополнително, целиот случај со прогонот на Лозановска мора да биде санкциониран. Одговорност мора да понесе и Панче Тошковски затоа што тој е виновен за началниците кои ги назначува. Ова што се случува во МВР е скандал по скандал – потврда за опасноста од партизација на полицијата со новиот закон, што доведува до ерозија на правниот систем. Кога полицијата е злоупотребена, правдата е парализирана. Нема правда со ВМРО-ДПМНЕ и Панче Тошковски – има само селективност и злоупотреби на полицијата за партиски цели – нагласува Трајче Стојчевски, претседател на СДММ – СДСМ.

Партијата потсети и на другите скандали со првиот човек на полицијата актуелни деновиве: слободното движење на криминалецот Ѓаволот, баран со потерница, криминалот на ВРЕДИ тежок 225 милиони евра, како и десетици скандали со местени тендери.

ВИДЕО | Се барал печатот? Драматичен претрес кај болна директорка во Демир Хисар која инспектор бара на носилки да дојде во станица

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот