Партијата на британскиот премиер Стармер има најлош рејтинг досега, според анкета
Новата анкета, нарачана од весникот „Тајмс“, покажува дека само 17 отсто од гласачите би гласале за Лабуристите, додека конзервативната партија Реформа Обединето Кралство продолжува да бележи раст и има поддршка од 27 проценти.
Лабуристичката партија падна на најниското ниво во анкета на „Југов“, при што партијата на Кир Стармер е речиси израмнета со Конзервативците, Зелените и Либералните демократи, објави британски „Индепендент“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Новата анкета, нарачана од весникот „Тајмс“, покажува дека само 17 отсто од гласачите би гласале за Лабуристите — ист процент како и за Конзервативната партија на Кеми Бејденок — додека партијата Реформа Обединето Кралство продолжува да бележи раст и има поддршка од 27 проценти.
Зелените имаат 16 проценти, што е највисоко ниво на поддршка за оваа партија досега, а зад нив се Либералните демократи со 15 проценти.
Овие резултати доаѓаат во момент кога Кир Стармер е предупреден дека може да се соочи со сериозни потешкотии да ја промени насоката на партијата по минатонеделниот пораз на дополнителните избори во Велс.
Лабуристите се соочуваат со притисок и од левицата и од десницата, со стравувања дека губат гласачи и кон „Реформа“ и кон сè популарните Зелени.
Младите се за Зелените, повозрасните се за конзервативната партија на Фараж
Вторничките резултати го претставуваат најнискиот рејтинг на Лабуристите во историјата на мерењата на „Југов“, а покажуваат и дека поддршката за Зелените расте особено меѓу помладите гласачи.
Според податоците, 40 отсто од луѓето на возраст од 18 до 24 години моментно би гласале за партијата на Зак Полански, додека Лабуристите се втори со 21 процент, а Либералните демократи трети со 13 проценти.
Популарноста на Лабуристите значително опадна откако Кир Стармер беше избран за премиер лани.
Кај гласачите постари од 65 години, водство има „Реформа“.
Кир Стармер е разочаран од резултатите во поранешниот рударски град
Ова следува откако Лабуристите минатата недела завршија на третото место на дополнителните избори во Керфили, освојувајќи само 11 отсто од гласовите во трката за местото во велшкиот парламент (Сенед).
Тие завршија зад партијата на Најџел Фараж, „Реформа“, и победникот Плаид Камри.
Ова беше првпат Лабуристите да изгубат избори во тој поранешен рударски град во повеќе од еден век. Премиерот изјави дека е „длабоко разочаран“ од резултатот и дека партијата „очигледно треба да направи многу повеќе“.
Анкетарите и политичарите сега гледаат кон локалните избори следната година, како и кон изборите за шкотскиот и велшкиот парламент, кои се сметаат за сериозен тест за Владата.
Тие избори ќе бидат клучен показател за тоа како Лабуристите се справуваат на власт и би можеле да претставуваат краен рок за премиерот да покаже резултати во исполнувањето на приоритетите на Владата.
Стармер: Велика Британија е на раскрсница, можеме да избереме пристојност или поделба


