Пандорините документи: ИЦИЈ објави докази за 29 илјади оф-шор сметки

Пандора документи / Илустрација: Idriss Bigou-Gilles / AFP / Profimedia

Протекувањето на Пандорините документи е обезбедено од базата на една адвокатска канцеларија, но податоците се однесуваат на 14 одделни финансиски компании регистрирани во Швајцарија, Сингапур, Кипар, Белизе и Британските Девствени Острови. Во документите се наоѓаат информации за 29 илјади сметки, двојно повеќе од Панамските документи што беа објавени пред пет години

Огромен број финансиски трансакции, инвестиции и банкарски сметки во оф-шор банки протекоа во јавноста од ИЦИЈ, меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари. Околу 35 сегашни и поранешни лидери и повеќе од 300 функционери се поврзани со документи од оф-шор компании наречени Пандорини документи.

Документите потврдија постоење сметки на кои се чуваат милијарди долари, надвор од опсегот на даночните служби на државите од каде што парите потекнуваат, но воедно се недостапни и за истрагите за финансиски малверзации, како и за кредиторите.

Јорданскиот крал Абдула Втори потрошил повеќе од 100 милиони долари, преку оф-шор сметки за финансирање луксузни објекти во Малибу, Калифорнија, како и на други локации во светот. Во протечените сметки се открива активноста и на одредена руска државјанка, за која постои сомневање дека претставува параван за имотот на претседателот Владимир Путин, а која наводно е и мајка на едно од неговите деца. На нејзино име преку оф-шор сметки од Карипските Острови е купен луксузен имот во Монако.

Пандорините сметки откриваат дека поранешниот британски премиер Тони Блер и неговата сопруга заработиле 360.000 евра со затајување данок на имот кога купиле канцеларија во Лондон со купување оф-шор компанија што ја поседувала зградата. На списокот се најде и Андреј Бабиш, актуелниот премиер на Чешка, заедно со претседателите на Кенија и на Еквадор, како и поранешниот француски министер и некогашен директор на Меѓународниот монетарен фонд, Доминик Строс-Кан.

Протекувањето на Пандорините документи е обезбедено од базата на една адвокатска канцеларија, но податоците се однесуваат на 14 одделни финансиски компании регистрирани во Швајцарија, Сингапур, Кипар, Белизе и на Британските Девствени Острови. Во документите се наоѓаат информации за 29 илјади сметки, двојно повеќе од Панамските документи што беа објавени пред пет години. Меѓу сопствениците на сметките се идентификувани 130 милијардери од листата на „Форбс“, воедно едни од најбогатите луѓе на планетата.

Во документите може да се пронајде и името на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, како имиња на членови на неговото семејство. Црногорските медиуми пишуваат дека Мило и неговиот син Блажо Ѓукановиќ склучиле тајни договори за управување со семејниот имот во 2012 година, криејќи го зад комплицирана мрежа поврзани компании од Велика Британија, Швајцарија, Британските Девствени Острови, Панама и Гибралтар. Синот на претседателот на Црна Гора ја искористил оваа структура за да формира две скриени компании со фирми ќерки во Лондон и во Црна Гора.

Меѓу документите пронајдени се заверени копии од договорот за собирање средства што Мило и Блажо го склучиле на 21 јуни 2012 година со компанијата „ЦМ скај 2 лимитед“, регистрирана на Британските Девствени Острови.

Од договорот може да се види и дека Ѓукановиќ ја формирал „Викторија траст“, а неговиот син „Капекастел траст“. Компанијата што управува со нив е овластена да купува и продава недвижен имот и компании во име на Ѓукановиќ, да отвора нови компании и жиро-сметки, да дава и подигнува заеми и да извршува разни други задачи. Дека навистина станува збор за претседателот на Црна Гора и за неговиот син, покажува и заверената документација што била приложена при формирањето на фондовите – дипломатскиот пасош на Мило Ѓукановиќ и сметката за вода од неговата адреса во Подгорица, која служела како доказ за престој. Неговиот син доставил црногорска лична карта и фактура за изнајмување стан во Лондон.

Пандорините документи докажаа дека актуелниот министер за финансии на Владата на Србија, Синиша Мали бил сопственик на станови и две оф-шор компании.

Мали ги купил становите во 2012 и 2013 година, во време кога беше економски и финансиски советник на тогашниот прв вицепремиер на Србија, Александар Вучиќ. Тој купил 24 апартмани во Бугарија од компанија на Срѓан Дабиќ, поранешен кошаркар и директор на српската филијала на познатата руска нафтена компанија Лукоил. Деталите од оваа афера се познати од поодамна, но Мали никогаш не одговарал на обвинувањата, кои се појавија во српските медиуми.

Други звучни имиња во документите се колумбиската пејачка Шакира, германската манекенка Клаудија Шифер и индискиот играч на крикет Сачин Тендулкар.

Американскиот центар за јавен интегритет во 1997 година го основаше ИЦИЈ, кој стана независен ентитет во 2017 година. Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари е независна меѓународна мрежа со седиште во Вашингтон, со повеќе од 200 новинари и 100 медиумски организации во повеќе од 70 земји.

ИЦИЈ стана познат во април 2016 година, по објавувањето на Панамските документи, истрага базирана на околу 11,5 милиони документи од панамска адвокатска фирма. Во ноември 2017 година, ИЦИЈ ги објави Рајските документи засновани на сет документи од финансиската компанија, „Апелбеј“. Тогаш, меѓу познатите имиња и беа издвоени принцот Чарлс и шампионот во Формула 1, Луис Хамилтон, како и компанијата за производство на спортска опрема „Најки“.

Бабиш: Станува збор за заговор за да не победам на изборите

Премиерот на Чешка Андреј Бабиш истражувачкиот проект Пандорини документи го оцени како заговор смислен за тој да не победи на парламентарните избори закажани на 8 и 9 октомври.

Тој негира дека направил нешто незаконско при купување луксузен недвижен имот во Франција, преку наменски формирани компании во таканаречените даночни оази.

– Чекав да видам што ќе извлечат непосредно пред избори да ми нанесат штета и да влијаат врз чешките избори. Сега се работи за случај стар 12 години. Во него е јасно дека не направив ништо противзаконски ниту лошо, но тоа не ги спречува да ме плукаат и така да влијаат врз чешките избори – истакна Бабиш.

Чешки портал ги проучуваше документите од „даночните оази“, потврдувајќи дека Бабиш во 2009 година формирал две оф-шор компании и преку нив сам себеси си префрлил 15 милиони евра за да купи 16 луксузни имоти, меѓу кои и мал замок во близина на Кан, на Азурниот Брег.

– Целата шема предизвикува низа прашања и сомнежи. Андреј Бабиш затоа треба да објасни од каде му се тие 15 милиони евра – објави порталот.

Бабиш е еден од 300 државјани на Чешка чие име се појави до Пандорините документи.

Ѓукановиќ инвестирал кога паузирал од политика

Од Демократската партија на социјалистите на Црна Гора, чиј претседател е Мило Ѓукановиќ, реагираат на објавените информации поврзани со Пандорините документи, сметајќи дека се работи за свесно и злонамерно спинување, со цел да се оцрни ликот на претседателот на земјата.

Во изјавата потпишана од Ѓукановиќ, која беше објавена од повеќе медиуми, се наведува дека во 2012 година тој не бил активен политичар, па затоа со синот започнал да инвестира во семејниот бизнис.

– Се сеќавам дека имаше некои приказни тој (Мило Ѓукановиќ) да стане дел од некаква бизнис-структура, во времето кога јас живеев во Велика Британија, но не се сеќавам дали бизнисот беше воспоставен. Ако беше воспоставен, јас не сум имал никаква врска со тоа, а сигурно и тоа е сè веќе одамна затворено – изјави Блажо, синот на Мило Ѓукановиќ.

Јужна Дакота е оф-шор оаза

Работењето преку оф-шор компании и банки нуди приватност на банкарските сметки, но во многу земји тоа се смета за незаконско тргување, бидејќи на тој начин се одбегнуваат домицилните контроли и правила на финансиско работење.

Сепак, поголемиот дел од луѓето што се најдоа на списокот објавен од Пандорините документи, нема да одговараат во своите земји, се наведува во резимето на ИЈИС.

Интересно, но протечените информации откриваат дека една од новите оф-шор дестинации е американската сојузна држава Јужна Дакота, каде што се пронајдени сметките на поголем број странски државјани, од кои дел се наоѓаат под истражни постапки на разни агенции во САД.

Сознанијата за аферата „Пандора“ откриваат „големи светски играчи“ – меѓу нив и познати светски лидери и милијардери

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот