Панчев: Реал Мадрид и Барселона ме сакаа, јас ја избрав најлошата опција

Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Легендарниот фудбалер на Црвена звезда, Дарко Панчев уште еднаш потврди дека преминувањето во Интер од Милано било грешка. Во 1992 година, како еден од најбараните напаѓачи во Европа, поранешниот македонски репрезентативец ја напушти Црвена звезда и се пресели во италијанскиот клуб, но тој потег не испадна како што очекуваше. Тој постигна само три гола во Интер пред да се пресели во Фортуна во 1995 година.

– Секако, тоа воопшто не е спорно. Не само што Интер тогаш имаше неквалитетна екипа, без игра, особено за нас напаѓачите. Ниту клупската атмосфера не беше во ред. Го почувствував тоа на некој начин. Не дојдов таму како млад играч за да се докажам, туку како еден од најбараните играчи во Европа. Не ми се допадна. Релативно брзо се скарав со тренерот, а потоа и со управата. Сè тргна наопаку. Вакви работи и грешки се случуваат – изјави Панчев за „Спортски журнал“.

Иако Интер беше конечниот избор, Панчев во тоа време имаше понуди од многу големи клубови. За него беа заинтересирани Барселона, која ја тренираше Јохан Кројф, Манчестер јунајтед предводен од Алекс Фергусон, па дури и Реал Мадрид.

– Во тоа време бев меѓу најбараните напаѓачи во Европа. Имавме преговори со Барселона, чиј тренер беше Јохан Кројф. Ме бараше и Алекс Фергусон во Манчестер јунајтед. Потпишав преддоговор со Милан. Заинтересиран беше и Реал Мадрид, на преговори дојде и неговиот претседател Рамон Мендоза. Имаше избори, но јас ја избрав најлошата опција. Никој не е виновен. Ја преземам одговорноста на себе – додаде Панчев.

Панчев кариерата ја заврши во 1997 година во швајцарскиот клуб Сион, оставајќи зад себе значајно фудбалско наследство, но и искуство кое често го истакнува како важна лекција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот