Панама ќе дозволи распоредување на американски војници во близина на Каналот
Панама одобри распоредување на американски воен персонал во областите што се граничат со Панамскиот канал и во негова непосредна близина, според билатералниот договор со САД, кој синоќа го објави панамската влада, пренесе агенцијата Франс прес.
Препорачано
Сепак, договорот ја исклучува можноста за изградба на воени бази.
Присуството на американски војници во Панама е чувствително прашање за оваа централноамериканска земја, која сè уште се сеќава на деновите кога САД имаа воени бази таму пред да ја отстапат контролата над каналот на панамската влада во 1999 година.
Вооружените сили на САД и приватните воени компании ангажирани од САД „ќе можат да користат овластени локации, објекти и одредени области за вежби и хуманитарни активности“, се вели во договорот, потпишан од американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет и неговиот панамски колега Френк Абрего.
Во тригодишниот договор, кој може да се продолжи, се прецизира дека објектите ќе бидат во сопственост на панамската влада, но ќе бидат наменети за „заедничка употреба“ од двете страни.
Хегсет на прес-конференција рече дека заедничките одбранбени вежби што редовно ги спроведуваат двете земји даваат „можност за ревитализација“ на „воената база“ каде што можат да дејствуваат „американските трупи“, но неговите зборови предизвикаа загриженост во Панама.
„Не можеме да прифатиме воени бази или одбранбени локации“, рече Абрего на истата прес-конференција.
По враќањето на власт во јануари, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека „сака да го врати“ Панамскиот канал, изграден од САД, тврдејќи дека сега е под влијание на Кина, потсетува АФП.


